09/11/2024
Македонија

Премиерот Заев, министрите Османи и Димитров, на конференција за Договорот со Грција во МАНУ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска, на покана на Македонската академија на науките и уметностите, учествуваше со свое обраќање на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.

На оваа конференција, со која претседаваше академик Владо Камбовски, свои обраќања во нејзиниот воведен настапија претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, првиот претседател на Собранието на Република Македонија Стојан Андов, амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли, амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние и амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Норберт Герберих.

Претседателот на Владата на Република Зоран Заев, во своето обраќање истакна дека договорот од Преспа е добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.

„Нашите аргументи се кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од околу 500 милиони луѓе. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација. Еднаш засекогаш!“ порача премиерот Заев пред аудиториумот во МАНУ.

Премиерот Заев потенцираше дека договорот со Грција и позитивните ефекти од него, како поканата од НАТО и датумот за преговори со ЕУ ни даваат шанса да бидеме свои на своето, и рамноправна членка во најмоќната економска Унија во светот и најмоќниот безбедносен сојуз.

„Нашиот аргумент е дека со договорот од Преспа, со внатрешните реформи и со перспективата што ни се отвора со вистинскиот и единствен одговор на референдумот, добиваме јасни и дополнителни можности за развој. Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Ја носиме Европа тука и создаваме можности. Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Знаеме кои сме и што сакаме“, рече премиерот Заев во своето обраќање на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.

Заменик Претседателот во Владата НА РМ, задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи, во својот говор во МАНУ се задржа на континуитетот на евро-атлантските процеси со посебна нагласка на активностите што ги презеде актуелниот владин состав.

„За да ја извлечеме земјата од закана на изолација, Владата на РМ направи мастер план кој вклучуваше ги вклучуваше договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија, договор за надминување на спорот за името со Република Грција, завршница на Охридскиот рамковен договор со донесување на Закон за употреба на јазиците, и итните реформски мерки содржани во  Планот 3-6-9. Реализацијата на овие точки од мастер планот ни ги донесоа датумот за преговори со ЕУ и поканата за НАТО како придонес во реализацијата на стратешките интереси, но и како гаранција и придонес за кохезивноста на нашето општество, како модел кој го препозна меѓународна заедница кој треба да се поддржи и да се одржи“, нагласи Заменик Претседателот во Владата НА РМ, задолжен за европски прашања д-р Бујар Османи.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров потенцираше дека акронимот ФИРОМ беше сигнал за незавршена државност, и дека договорот со прифаќање на договорот од Преспа, граѓаните на Република Македонија ќе го исполнат заветот од исходот на референдумот од 1991 и да ја заокружат државноста со референдумот на 30 септември.

„Кога судиме за овој договор мора да го имаме предвид контекстот. Додека седевме во чекалната ги испуштавме возовите кога постоеше силен ентузијазам за ЕУ проширување. После долго време ЕУ погледна кон Балканот. И тоа внимание мора да се зграпчи и еднаш засекогаш Македонија да се извлече од процепите на несигурност кои сè уште виреат во нашиот Регион….По една генерација чекање, од исклучителна важност е да препознаеме дека вратата е отворена. Исто е важно гордо и со исправена глава да поминеме низ неа. И наместо да наоѓаме замерки за тоа дали кваката е доволно блескава, верувам дека ќе надвладее традиционалната мудрост на нашите граѓани“, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.


Премиерот Заев на конференција за договорот со Грција во МАНУ: Ќе бидеме свои на своето, рамноправна членка во НАТО и ЕУ, рамо до рамо со најсилните и најразвиените

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска, на покана на Македонската академија на науките и уметностите, учествуваше со свое обраќање на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања кој работи во составот на МАНУ.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

Почитуван Претседател на Македонската академија на науките, академик Таки Фити,

Почитувани академик Камбовски, почитуван академи Поповски, почитувани членови на академијата,

Почитуван прв Претседател на Собранието на независна Република Македонија, господине Стојан Андов,

Почитувани членови на Владата на Република Македонија,

Почитувани и уважени гости на Македонската академија на науките и уметностите,

Дами и господа,

На почетокот дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за поканата да бидам еден од говорниците на оваа конференција.

Ова е одлична иницијатива на МАНУ, и прилика, која доаѓа во клучно време, за да се даде придонес на темата што е во суштината на насловот на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“.

На референдумот на 30 септември граѓаните на нашата земја ќе имаат можност, секој според својата сопствена одлука, да ги потврди промените што ќе ја одредат иднината на нашата земја, иднина на сигурност, благосостојба и безбедност за сите наши граѓани.

Одлука за промени кои ќе овозможат нашата земја да го забрза членството во Европската Унија и НАТО, како заедници кои гарантираат мирни денови и економска благосостојба за оваа, за следната, и за сите идни генерации.

Пред тој ден стоиме уште од пред повеќе од десет години. За една година покренавме процеси што ја кренаа пречката, блокадата која ги запре сите започнати процеси: Ја вративме демократијата во нашиот дом Република Македонија, спроведовме и спроведуваме реформи за држава по европска мерка, и, конечно и најважно, постигнавме договор со Грција и најдовме решение за проблемот кој се закануваше засекогаш да останеме надвор од најмоќните политички и безбедносни заедници – ЕУ и НАТО.

Добивме покана за членство во НАТО. Ние ќе бидеме 30 членка во НАТО.

Добивме отворање на преговори со ЕУ со датум: Јуни, 2019 година.

Имавме кандидатски статус од 2005 и од 2009 добивавме препораки од Европската комисија за да започнеме со преговори за членство. Доколку не го надминавме спорот со Грција, вратата за членство во ЕУ ќе останеше затворена.

Граѓаните ќе го имаат последниот збор за договорот на референдум. Граѓаните се тие кои ќе одлучат за оваа голема одлука.

Веруваме дека ќе го донесат вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.

Добиваме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско. Како дома, така и во странство.
Преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Идентитет за севкупна употреба. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани.

Имплементацијата на домашните промени согласно договорот, ќе се случува во фази. Како што ќе напредуваме во ЕУ, согласно со отворањето на поглавја за членство во ЕУ, така ќе го спроведуваме договорот дома.

Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега на нас гледаат како на позитивен пример/модел што другите сакаат да го следат.

Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката.
Нашиот пристап во решавањето на проблемите понуди и еден нов Балкан, достоен за 21век.

Ги затворивме сите отворени прашања. Немаме други спорови со соседите или со други држави. Може да бидеме спокојни. Можеме да бидеме среќни. Може да се посветиме на градење на нашата иднина. Успеавме да обезбедиме да го фатиме, веројатно, последниот воз што може да ја обезбеди нашата стабилна и просперитетна иднина.

Добивме нов пријател, кој до вчера ни беше политички непријател. Градиме пријателство со Грција. Грција беше нашиот поддржувач во пресудните моменти за добивање датум за преговори со ЕУ.

Тоа е европскиот начин на партнерство и пријателство. Ќе бидеме партнери и сојузници во ЕУ и НАТО. Трасираме пат за тоа наше заедничко стратешко партнерство.

Нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Северна Македонија. Тоа е потврда за нашиот идентитет и гаранција дека и во иднина идентитетот ни е гарантиран.

Во иднина нема да има повеќе оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани.

Добиваме шанса да бидеме свои на своето. Еднакви со другите во регионот, и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Да седиме рамо до
рамо со најсилните и најразвиените.

Со постигнатите договори, со внатрешните реформи и со перспективата што ни се отвора со вистинскиот и единствен одговор на референдумот, добиваме јасни и дополнителни можности за развој.

Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Добиваме поголем пристап и можности за користење на ЕУ фондови.

Тоа е шанса за младите луѓе да бидат еднакви со нивните врсници во ЕУ. Тоа е можност за развој дома и просперитет за сите. Ја носиме Европа тука и создаваме можности за младите дома.

Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Не робуваме на минатото. Одиме напред, без страв и без предрасуди. Знаеме кои сме и што сакаме. Не треба да им подлегнеме на емоциите кои се јавуваат при секоја промена.
Ако рационално размислиме тогаш ќе сфатиме дека ништо не губиме, а можеме да добиеме сѐ.

Започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, ќе го зајакне процесот на домашни реформи. Остануваме посветени на зајакнување на владеењето на правото и зголемувањето на животниот стандард, а членството во НАТО и преговорите за членство во ЕУ ќе ни дадат дополнителна енергија и поддршка за тие реформи. Државата ќе зајакне. Институциите ќе бидат посилни.

Овие промени и новиот европски импулс ја зајакнува и кохезијата во нашето општество. Мора да се обединиме за остварување на врвните државни интереси и главните национални приоритети.

Затоа и понатаму останувам на мојата заложба да ги повикам сите, вклучувајќи ја и опозицијата за ова прашање да ни се придружи.

Градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат. Ако сме сите посветени на исти, стратешки цели за нашата држава, за сите наши граѓани, тогаш ќе имаме поблиска соработка и нема да има толку длабоки делби меѓу нас.

Тоа е мудроста на која ги повикувам сите политички фактори. Од денеска натаму, до 30 септември да не обединува мудроста за најдобар избор.

Тој избор да го направиме со љубов и со верба за иднината на нашата земја, за иднината на генерациите после нас.