14/06/2024
Македонија

Премиерот Спасовски на министерскиот состанок во Скопје во рамки на Берлинскиот процес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се обрати на Состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес под заедничко претседателство на Република Северна Македонија и Република Бугарија, што се одржува во Скопје.

„Берлинскиот процес ни даде нам, на политичките лидери на земјите од Западен Балкан, можности за поддршка на суштински и длабоки внатрешни реформи и заемна соработка во неколку главни области.

Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на земјите од ЕУ коишто се дел од Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврдува цврстата определба, оваа иницијатива да му ги даде стратешките фундаменти за забрзување на процесот, за постигнувањето на европските стандарди и да го забрза процесот на интеграција на земјите од регионот во Европската Унија“, рече премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата, Спасовски посебно посочи на Агендата за млади, како еден од најреалните резултати на Берлинскиот процес досега.

„Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) придонесе за вклучување и на граѓански организации, со цел зголемување на транспарентност и отчетност на целокупниот Берлински процес.

Агендата за поврзување зазема централно место во рамки на Берлинскиот процес, а се однесува на унапредување на инфраструктурата на земјите од Западен Балкан. Агендата има за цел поврзување на земјите од регионот со Европската транспортна инфраструктура преку бројни инвестиции во транспортни и енергетски проекти“ рече премиерот Спасовски.

Тој го нагласи Берлинскиот процес и како важен во поактивната регионалната економска соработка.

„Тука е, се разбира и регионалната економска област којашто опфаќа 4 сфери за економска соработка на земјите од Западен Балкан: трговија, инвестиции, мобилност и признавање на квалификации и дигитална економија.

Сепак, земјите во регионот покажаа и самоиницијатива што потврди дека можеме да направиме и во повеќе за нашата заедничка соработка. Како пример можам да ја посочам иницијативата за зајакната регионална соработка, која беше иницирана од страна на Србија, Албанија и Северна Македонија. Во суштината на оваа иницијативата лежи нашиот заеднички интерес за остварување и за исполнување на четирите слободи на ЕУ во Западен Балкан – за слободно движење на луѓе, производи, услуги и капитал во нашиот заеднички регион.

Ние сме отворени за сите иницијативи коишто одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.

Ова е автентичен процес за којшто веднаш повикавме да се приклучат сите земји од регионот Западен Балкан“, рече премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата, Спасовски потсети дека на четирите слободи на ЕУ во Западен Балкан, е изградена и платформата за добри меѓусоседски односи договорена во Лондон, во јули во 2018 година, непосредно откако Република Северна Македонија го потпиша Договорот од Преспа со кој се реши тридецениското отворено прашање со нашиот сосед Грција. Тогаш беше договорено да се решат сите отворени билатерални прашања во духот на добрососедство и заедничка заложба за европска интеграција, за покажување заложби за надминување на пречките од минатото и лидерите од регионот да бидат пример за решавање на отворените билатерални прашања, за воздржување од злоупотреба на отворените прашања за блокирање, или поттикнување на другите да го блокираат, напредокот на соседите на нивниот пат за пристапување кон ЕУ.

„Република Северна Македонија ги исполни сите заложби од декларацијата во Лондон во 2018 година. Ова го истакнувам затоа што заедно со сите реформи што ги спроведе земјата во изминатите три години, нашата земја е на прагот да биде следната држава од регионот којашто ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија.

Во меѓувреме пристигна и мини извештајот на Европската комисија којашто уште еднаш во рапортот констатираше „значаен напредок“ во остварувањето на законските реформи и во нивното спроведување и по 11-ти пат препорача почеток на преговори.

Одлуката за започнување преговори е неопходна како признание и валоризација на значителниот напредок постигнат во изминатите 3 години. Тоа ќе ја потврди политичката зрелост на земјата и на вложениот капитал во европската перспектива. Тоа е важно и за граѓаните, за нивната доверба во вредностите и принципите на ЕУ и, конечно за нивното вклучување и придонес во процесот, како експерти, интелектуалци, професионални во секоја област на преговорите. Неопходно е сите земји-членки да разберат дека сите натамошни одложувања и дополнителни услови дадени на процесот се еднакви на драгоцено изгубено време во однос на реформите во ЕУ за целиот регион“, порача премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата Спасовски посочи дека прифаќањето на новата методологија и усвојувањето на одлуките за пристапување без натамошно одложување ќе обезбеди услови за успех и на Северна Македонија и на ЕУ.