Претседателот Иванов на средби со јорданскиот државен врв: Сеопфатна и партнерска соработка меѓу Македонија и Јордан

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, денеска во Аман, оствари средби со премиерот на Кралството Јордан, д-р Омар Разар, со претседателот на Сенатот, г. Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом г. Атеф Таравнех, како и со членови на Претставничкиот дом.

На средбата со јорданскиот премиер Разар, претседателот Иванов истакна дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Македонија се стреми кон стабилни и пријателски релации со Хашемитското Кралство Јордан.

Македонскиот претседател изрази надеж дека со интензивирањето на политичкиот дијалог, ќе се отвори можност за натамошна идна соработка во сферата на економијата, безбедноста, културата и образованието, преку потпишување на меѓу-владини договори и унапредување на правната рамка.

Претседателот Иванов и премиерот Разар разменија мислења и во однос на бегалската и мигрантската криза и се осврнаа на предизвиците на Блискиот Исток и на состојбите во Европа. Во тој контекст, македонскиот претседател го поздрави важниот придонес што Кралството Јордан го има во рамките на хуманитарниот аспект на кризата и згрижувањето на бегалците, нагласувајќи дека Република Македонија ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.

На средбата со претседателот на Сенатот, г. Фаисал Ел-Фајез и со спикерот на Претставничкиот дом г. Атеф Таравнех, претседателот Иванов изрази уверување дека оваа официјална посета ќе ѝ даде нов импулс на севкупната соработката меѓу Република Македонија и Кралството Јордан во сите сфери од заеднички интерес и дека меѓусебното пријателство ќе продолжи да се развива. Претседателот Иванов го истакна фактот дека се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Првите луѓе на јорданскиот парламент ја изразија подготвеноста за унапредување на парламентарна соработка меѓу Република Македонија и Хашемитското Кралство Јордан.
2._Jordan_-_senat_2