Се одржа првата конститутивна седница на ад-хок координативната група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам

Ад-хок координативна група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот денеска ја одржа првата конститутивна седница, со која претседаваше министерката за правда, Рената Дескоска.

Со одлука на Владата во ад-хок координативното тело за развој на коцептот за Едно општетсво и интеркултурализам, покрај министерката Дескоска, како претседателка, за членови се назначени и Асаф Адеми, министер за култура, кој ќе ја врши и должноста заменик претседател на ад-хок групата, Аксел Ахмедоски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука, Илхан Рахман, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Јованa Тренчевска, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, Фатон Ахмети, државен секретар во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот Рамковен договор, и Рубин Земон, посебен советник за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации.

Оваа ад-хок координативна група на барање на Владата или по потреба, ќе предлага мерки и активности поврзани со прашања во врска со развојот на концептот за Едно општество и интеркултурализам. Ад-хок координативната група ќе ги разгледува препораките и извештаите на меѓународните тела и комисии како што се извештаите на Европската комисија, препораките Советодавниот комитет на Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства, Европската комисија против расизмот и интолеранцијата (ЕКРИ), Комесарот за човекови права при Советот на Европа, Високиот комесар за националните малцинства при ОБСЕ, извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, извештаите на телата и комесарите при ООН, како и извештаите, препораките, мислењата, претставките на цивилниот сектор од и надвор од Република Македонија.

Со конституирањето на оваа ад-хок координативна група за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам, за прв пат во историјата на Република Македонија се преземаат конкретни мерки и политики за поголема интеграција и кохезија на општеството.

На денешна конститутивна седница на ад-хок групата се разгледа информацијата за активностите во врска со подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам, се избра работна група за подготовка на методологија за работата на ад-хок координативната група, и се избра работна група за изготвување на Предлог-програма и акционен план за работа на ад-хок кординативната група за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.