Филиповска-Грашкоска: Во изминатиот месец направени се 33.173 надзори од инспекциските служби

Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, коишто во периодот од 19 март до 21 април имаат извршено 33.173 надзори, со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот КОВИД-19.

„Инспекторите се постојано на терен, ја извршуваат својата работа со полна професионалност, ставајќи го општото добро пред поединечните интереси. Со тоа се придонесе да се заштитат правата на потрошувачите, да се почитуваат правата на работниците, да се одржува на соодветно ниво квалитетот и цената на лековите, медицинските средства, основните прехранбени продукти, за што им упатувам јавна благодарност“, потенцираше претседателката на Инспекцискиот совет.

Таа соопшти дека во овој период, најбројни се контролите направени од Државниот пазарен инспекторат, вкупно 26.569, од кои што 5.508 се контроли на замрзнатите цени во малопродажните и големопродажните објекти.
 

„Притоа, од страна на ДПИ се затворени вкупно 162 угостителски објекти кои не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека најголемиот број на угостители сепак дисциплинирано ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатиот месец, интензивно ги контролираше и кафематите во целата земја, при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати. Освен на самиот почеток на кризата, кога имаше одреден број на пријави за покачени цени кај некои производи, особено кај цитрусово овошје, можеме да констатираме дека во подоцнежниот период најголем дел од трговците ги почитуваат одлуките за смрзнатите цени, а на оние каде што е забележано зголемување им се наложува да ги вратат цените на ниво на цени од 11 март“, кажа Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така активно спроведуваше надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари. Реализирани се вкупно 1.645 вакви инспекции, при што се изречени вкупно 5 глоби, 75 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и вкупно 64 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба, по коишто правните субјекти постапуваа веднаш.

Државниот инспекторат за труд, во насока на заштита на работничките права, реализираше вкупно 3.236 контроли при што се донесени 42 решенија и околу 152 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

„Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни. Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19“, посочи Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во изминатиот период реализираше 732 инспекциски надзори во субјекти во нивна надлежност, со особен фокус на приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19. Паралелно со инспекциските надзори ДЗСИ издаде и вкупно 9.607 дозволи на транспортери за професионални возачи во меѓународниот транспорт, кои се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.

„Државниот инспекторат за транспорт во овој период реализираше 751 надзори. При тоа, се констатира дека меѓу општинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД има извршено 240 контроли на веледрогерии и аптеки. Може да посочиме дека при овие контроли е констатирано дека нема специфични отстапувања, а секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број на лица во аптеките, а цените се согласно препораките и одлуките на Владата“, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова, на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Висаре Риза, на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини и на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.