26/04/2024
Регион/Свет

20 Март – Светски ден на орално здравје

Кажи АХХ

Заедно до орално здравје

 

Вашата уста е неверојатна! Таа ви помага да јадете, зборувате, да се смеете и самоуверено да чекорите низ животот.

Половина од луѓето во светот страдаат од орални заболувања, како што се расипување на забите и заболување на непцата, што може да влијаат на секој аспект од животот, од лични односи и самодоверба до функционирање во училиште и на работа.

Болестите на устата и забите може да предизвикаат непријатност и болка и да бидат поврзани со други сериозни здравствени проблеми.

oral 2

 

Одржувањето на оралното здравје е од суштинско значење за општото здравје и благосостојба.

 

Светскиот ден на оралното здравје треба да ја обедини и мотивира општата јавност, докторите по дентална медицина и другите здравствени соработнициВладата и креаторите на политики, заедно – гласно и доследно, да шират пораки за важноста на доброто орално здравје кое води кон посреќен и поздрав живот

Со тоа обединување ќе се намали глобалниот товар на  општеството од оралните заболувања и ќе се овозможи поквалитетен и посреќен живот на целокупната популација.

Овој Светски ден на оралното здравје треба сите да се заложат дека ќе се грижат за своето орално здравје, затоа што здравата уста ни овозможува да чекориме здраво низ животот.

Добрата хигиена, редовните прегледи на забите и здравиот начин на живот ќе помогнат во заштитата на устата и телото, без оглед на возраста.

 

НАПРАВЕТЕ ПОВЕЌЕ ЗА ДОБРА ОРАЛНА ХИГИЕНА

 

Измијте ги забите на вистинскиот начин

Четкањето на забите на вистински начин е многу важно за целокупното орално здравје.

Четкајте ги забите две минути, два пати на ден, користејќи паста за заби со флуорид. Следете ја вистинската техника на четкање, користејќи рачна или електрична четка за заби. Ова значи четкање во кружни движења – не напред и назад. После четкањето исплукајте, но не ја исплакнувајте устата со вода, затоа што може да се измие заштитниот флуорид.

Четкањето на забите со стара, употребувана четка за заби нема да ги исчисти забите правилно. Просечниот век на траење на четката за заби е околу 3 месеци. Затоа, заменете ја старата потрошена четка за заби со нова.

oral 3

 

Започнете со употреба на конец

Конецот и интерденталните четкички ви помагаат да ги достигнете недостапните  области меѓу забите. Редовното чистење помага да се отстрани храната и денталниот плак што се формира по должината на линијата на непцата, а со тоа се намалува заболувањето на непцата и лошиот здив.

Направете напор тоа да го правите секој ден и при тоа дозволете му на вашиот стоматолог да ви објасни како да го направите тоа.

Не е секогаш можно да ги четкате забите после секоја закуска или оброк, особено кога сте во
движење. Затоа, џвакајте мастика за џвакање без шеќер или исплакнете ја устата со флуорид.

 

oral 4

 

 

ПОСЕТУВАЈТЕ ГО ВАШИОТ ДОКТОР ПО ДЕНТАЛНА МЕДИЦИНА РЕДОВНО

Најдобар начин да се зачува вашето орално здравје е редовно да одите кај вашиот доктор по дентална медицина за прегледи и чистење на забите. Тој ќе се грижи за вашата устата да биде здрава, ќе ве советува за тоа колку редовно треба да одите на посети, во зависност од вашите специфични потреби

Работа на докторот по дентална медицина е да го чува вашето орално здравје, а тоа играат клучна улога во одржувањето на целокупното здравје. Затоа треба да се надминат  било какви изговори за посета.

oral 5

 

 

Исто како и кај појавата на другите заболувања, превенцијата, раното откривање и лекувањето се важни за одржување на забите и устата здрави, а со тоа и спречување на какви било потенцијални негативни влијанија врз целиот организам. Континуираната соработка со вашиот доктор по дентална медицина, ќе ви помогне да ја одржувате устата здрава цел живот. Затоа соработувајте со вашиот доктор по дентална медицина за здравјето на вашата уста.

 

 

ЗДРАВИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ ЌЕ ПОМОГНЕ ВО ЗАШТИТАТА НА УСТАТА И ТЕЛОТО

 

Намалете со внес на шеќери во вашата исхрана

Шеќерот е водечки фактор на ризик за расипување на забите (забен кариес). Луѓето треба да имаат здрава исхрана, со малку шеќер и многу овошје и зеленчук. Тоа би значело дневната доза на шеќер да изнесува приближно 6 лажички кај возрасни и 3 лажички кај деца, за да се минимизира ризикот од кариес во текот на животот.

 

Избегнувајте го  тутунот

Тутунот во која било форма е нездрав. Toj го зголемува ризикот од заболување на непцата, предизвикува карцином на оралната лигавица, боење на забите, лош здив, предвремено губење на забите и губење на вкус и мирис.

 

Ограничете ја употребата на алкохол

Пиењето премногу алкохол е главен фактор на ризик за многу болести, вклучително и орални заболувања. Киселината и високиот процент на шеќер кај повеќето алкохолни пијалоците можат да ви ги уништат забите, предизвикувајќи забен кариес. Алкохолот исто така може да предизвика рак на уста и непца.

Заштитете ја устата и телото со: усвојување на добри навики за орална хигиена; јадење на здрава храна, која има ниско ниво на шеќер а изобилува со овошје и зеленчук; превенција на употребата на тутун и алкохол. Превенцијата поддржана од средина која промовира здравје може да помогне да се избегнат оралните болести, како и други незаразни заболувања.

 

20 Март – Светски ден на орално здравје

flaer