26/04/2024
Македонија

Алаѓозовски на Форум за Европската конвенција за предел

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски денес во ЕУ – Инфоцентарот го отвори Меѓународниот форум „Предизвици во имплементацијата на европската конвенција за предел“, во организација на Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС – Македонија…

На отворањето на Форумот, на кое говореа и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и д-р Лазар Шуманов, претседател на ИКОМОС-Македонија, министерот Алаѓозовски истакна дека има многу причини за интензивирање на активностите и конкретно делување за заштита на културните предели.

„Тие се важни и претставуваат општествен интерес, не само за сферата на културата, туку и за екологијата, животната средина и социјалната сфера. Пределот претставува ресурс, кој го поттикнува економскиот развој и чија заштита, управување и планирање може да придонесе за креирање нови работни места“, потенцираше Алаѓозовски .

Министерот Алаѓозовски посочи дека за жал, во изминатите години била воочлива недоволната посветеност на надлежните органи и стручните служби што имаат улога во спроведувањето на оваа европска конвенција. Според него, комплексноста на ова прашање претпоставува интердисциплинарен приод, механизми за интегративен пристап и меѓусекторска соработка, со цел да се добијат стратешки патокази за процесите на идентификација на предели кои имаат значајна улога во заштитата на животната средина и планирањето на просторот.

„Можам слободно да ве уверам дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура ќе се вклучат суштински и ќе ги поддржат сите значајни напори и активности во овој домен, со цел што побргу да дојдеме и до конкретни резултати и подобрување на состојбите. Искрено се надевам дека со оваа средба, како и со сите наредни активности во оваа и во комплементарните области, сите заедно ќе придонесеме за заштита на нашите културни богатства и предели и нивно ставање во функција на унапредување на животната средина, економскиот и социјалниот развој на нашата земја“, рече Алаѓозовски пред присутните на Форумот.

Реализацијата на Форумот е поддржана со Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2017 год. на Министерството за култура на Република Македонија, како и од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.