Автопат Кичево – Охрид: Од идеја до 600 милиони евра долг (хронологија)

Три и пол години доцнење во изведбата на проектот и негово поскапување за над 180 милиони евра е краткиот пресек од досегашната изградба на автопатот Кичево – Охрид. „Најголемата инфраструктурна инвестиција во земјава во последните пет децении“, помпезна најава искажана лично од поранешниот премиер Никола Груевски, претворена е во проект кој опасно придонесува за натамошен раст на надворешниот долг на нашата земја со неговата вредност од 598 милиони евра.

До заминувањето од власт на ВМРО – ДПМНЕ, многу мал број од граѓаните на земјава знаеја за големите проблеми со кои се соочува изградбата на делницата долга 57 километри. По промената на владејачките структури, во јавноста се дозна за бројните пропусти во проектната документација, вклучувајќи ги погрешната категоризација на квалитетот на земјиштето низ кое се пробиваше тунелот „Пресека“, недостатокот на клучки за поврзување со автопатот на околните населени места, грешки во проектирањето на косините и други недостатоци.

На 4 септември годинава, беше потпишан договор за препроектирање и допроектирање на откриените пропусти во проектната документација за автопатот Кичево – Охрид. Паралелно на ова, кинеската Ексим банка ги стави на располагање дополнителните средства што се неопходни за довршување на изведбата на овој инфраструктурен проект, за чие користење треба допрва да се потпише договорот за заем.

Во меѓувреме, на терен продолжува изградбата на неспорните делови од делницата долга 57 километри, со ветување дека првите километри автопат меѓу Врбјани и Охрид ќе бидат пуштени во употреба во 2020 година. До моментов, завршени се 75,42 отсто од севкупните градежни работи на автопатот Кичево – Охрид, а пробиени се околу 96 отсто од трасата. Крајниот рок на неговото ставање во функција за возачите е 30 јуни 2021 година.

Извор: мета.мк