Божиновски: Катастрофална е состојбата со зимското одржување и отстранувањето на снегот, Георгиески да се зафати со работа

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Катастрофална е состојбата со зимското одржување во Охрид и отстранувањето на снегот. Градоначалничката функција не е пи-ар и маркетиншка агенција, па в.д градоначалникот Констатнтин Георгиески добро ќе беше чајот да го испие и со граѓаните кои беа оставени сами на себе да се справуваат со снегот.

Наместо свесно извршување од сметката на општината со цел враќање стари долгови, требаше се набави нова и современа механизација, а не директорите на јавните претпријатија да набавуваат стари некорисни возила со сомнителни технички спецификации.

Георгиески и покрај информациите, откако Охрид беше затрупан со снег, одржа работен состанок со членовите на Оперативниот штаб и директорите на јавните претпријатија.

Патиштата и улиците во населбите Радојца Новичиќ, Кошишта, Видобишта останаа нерасчистени и тешко проодни, а Стариот дел на градот и поодалечените места беа блокирани и отсечени. Дури и Центарот на градот и градскот плоштад беа затрупани во снег.

Како луѓето со здравствени проблеми навремено да стигнат да примат лекарска помош?

Синоќа улицата до Кардиолошкиот центар беше целосно отсечена. Да не размислуваме доколку некој има потреба од Итна медицинска помош, тогаш веќе ќе биде касно од секакви реакции.

Ќе преземете ли одговорност затоа што граѓаните на Охрид свесно ги ставате во голем ризик?

Дури денес започнавте да расчистувате во Стар град и ненаселените места. Ова е срамно и скандалозно снегот во јануари да Ве изненади.

Охриѓани на дело ја видоа нестручноста и неажурноста на СДСМ и Георгиески преку задоцнетата реакција откако оставија да заврне снег. Хаосот во Охрид е доказ за тоа. Наместо водење предизборна капмања и расипничко трошење на парите на граѓаните, Георгиески треба да се зафати со работа во корист на граѓаните.“ – истакна Божиновски.