Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на Влашката заедница во Република Македонија, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.

Почитувани сограѓани,

По повод Националниот ден на Власите, 23 Мај, дозволете ми, вам, на припадниците на влашката заедница во Република Македонија да ви го честитам големиот празник.

Овој значаен празник е потсетување на вековниот стремеж на Власите за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција. На овој ден, 23 Мај 1905 година, Османлиската Империја донесе Ираде со кое само беше призната реалноста дека Власите се посебен народ со свој јазик, култура и идентитет. Со тоа се отвори ново поглавје во долгата и исклучително богата историја на Влашкиот народ. Таа историја сведочи за едно нешто. А тоа е дека Власите и како народ, но и како поединци имале голема улога во борбата за слобода, државност и независност на Република Македонија.

Припадниците на влашката заедница се дел од сите сфери на општественото живеење, со што даваат препознатлив придонес во целокупниот развој на Република Македонија. Исклучително одговорниот однос на Власите кон својата држава Република Македонија и кон своите сограѓани од другите етнички заедници може да послужи како пример за градење и за негување на меѓусебна доверба. Таквата доверба е потреба на секој поединец и претставува врзивно ткиво на целото македонско мултиетничко општество. Обврска на Република Македонија е да продолжи да го чува, развива и промовира етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Власите во духот на европските вредности.

Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека со заеднички напори ќе продолжиме да работиме во интерес на Република Македонија, градејќи подобра и посветла иднина за сите граѓани.