Георгиески: Ве повикувам во недела како во првиот круг, да испратиме порака дека враќање назад нема!

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Константин Георгиески, денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„Почитувана јавност, драги мои охриѓани! Со денешниот ден завршува кампањата.

Имавте можност да слушнете, но уште поважно… и да видите, што ви се нуди за во следните две и пол години. Кои се програмите, но уште поважно… која програма е базирана на потреби и со реални планови за унапредување во сите сфери а кој ви нуди од-збор-до-збор препишани текстови?

Клучното прашање кое треба да си го одговориме сите заедно во недела, во чии раце сакаме да го препуштиме градот? Сите заедно треба да го избереме најдоброто решение за нас и нашите семејства.

Јас и мојот тим стоиме гордо исправени пред охриѓани. За охридските потреби и проблеми нудиме автентични охридски решенија… а не сувопарни текстови напишани во Белата Палата во Скопје. За спроведување на тие решенија нудиме соодветни знаење и капацитети… а не партиски или „Штапски решенија“ како што јавно нуди противкандидатот.

На охриѓани нудиме целосна транспарентност и отчетност во работењето. Но споменав, битно е кој нуди. Јас за време на целата кампањата целосно транспарентно одговарам на сите лични навреди и црна кампања која противкандидатот ја води во недостиг на основни познавања за функционирањето на локалната самоуправа како и во недостиг на идеи. Од друга страна, ви се колне на транспарентност, човек кој четврти ден не одговара на единственото прашање кое јас му го поставив за време на оваа кампања.

Драги мои охриѓани, пред вас стои човек таков како што е. Со сите свои доблести и мани. Тоа што го гледате, тоа го добивате. Јас не се кријам зад партиски колеги и зад партиски диригирани портали и медиуми како што тоа го прави противкандидатот. Не само што го прави туку и ми сугерира и јас тоа да го правам… Не колега Митре, јас не се кријам зад лажни профили и наменски креирани мегафони. Јас стојам зад се што кажувам, зад се во мојата програма и зад секоја моја изјава. Јас стојам зад секој свој збор! Јас не функционирам на далечински управувач. Одлуките кои јас ги носам се за Охрид и се носат во Охрид. Јас народните пари ги користам за раздолжувања и инвестиции во Охрид, а не за бели палати во Скопје.

Во недела, охриѓани ќе го направат својот избор. Но, почитувани мои охриѓани, ништо не се случува само од себе. Подобрувањето и среќата треба да си ги заслужиме и одработиме.

Затоа Ве повикувам во недела, во што поголем број да излеземе на гласачките места и како во првиот круг да испратиме порака дека враќање назад нема!

Охрид избира да оди заедно напред. Охрид избира охридски!“ – истакна Георгиески.