26/04/2024
Охрид

Градоначалникот Стојаноски се сретна со претставници од Израел за прочистување води

Градоначалникот, Јован Стојаноски заедно со дел од соработниците денес оствари работна средба со претставници од најпознатата компанија за прочистување  води „Данбар“ од Израел.

Израелските гости   презентираа дел од  своите проекти  за прочистување на фекални и отпадни води, како и прочистување на речни води кои по реализирање на процесот се пренаменуваат  во води за пиење.  На средбата беше истакнато дека  компанијата успева да прочисти 80 проценти од фекалните отпадни води  во Израел кои  потоа се  користат . за наводнување на земјоделските површини. Покрај во Израел фирмата има успешно реализирани проекти за прочистување на води во многу земји од Светов.

Градоначалникот и претставниците од општинските служби подвлекоа дека еден од посериозните проблеми на чие решавање се работи е  преоптоварениот  колекторски систем кој мора да се реконструира и доизгради. Во моментов системот не ја извршува оптимално својата примарна функција затоа што фекалната канализација се меша со  атмосферските и подземни чисти води, што значи дека и тие влегуваат во процесот на прочистување иако тоа не е потребно.  Проблемот особено се усложнува во услови на дожд. Во овој момент, и покрај тоа што колекторот е димензиониран  да работи за 120.000 граѓани нивниот број е далеку поголем. Станува збор за проблем кој ќе се решава како со доизградба на атмосферската канализација така и со модернизација на постоечкиот колекторски систем.

Израелските гости попладнево се во посета на МЈП „Проаква “, а во иднина се очекува да се реализираат и уште неколку работни средби со локалната власт.