Министерката за правда Дескоска на Регионалниот форум за соработка во Република Грција

Министерката за правда Рената Дескоска учествува на Регионалниот форум за соработка во Република Грција, насловен „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“, кoj се одржува од 15 до 17 февруари.

Темите за дискусија на овогодинешниот форум се фокусираат на приоритетите на Романското претседателство со Советот на ЕУ во врска со Западен Балкан, Солунската агенда, бегалската криза и поврзаноста на регионот. Меѓу клучните говорници на овој настан се поранешниот премиер на Р.Грција, г. Папандреу, поранешниот претседател на Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и евроамбасадорот во Република Северна Македонија, Семјуел Жбогар.

Утре, во рамките на форумот, министерката за правда, Рената Дескоска ќе се обрати на тема: „Борба против лажни вести и дезинформации – Заштита на демократијата во дигиталната ера“.

Регионалниот форум за соработка е платформа која овозможува прогресивен дијалог меѓу клучните актери од политичката, економската, академската, бизнис заедницата и граѓанското општество на Балканот. Форумот е регионална геополитичка иницијатива која цели кон мирно решавање на регионалните спорови и зајакнување на соработката помеѓу земјите од Балканот.