Од 20 јануари нов начин за наплата на паркинг за оние кои не платиле или им истекло времето за кое платиле

ЈП „Билјанини Извори“ ја известува јавноста дека од ден 20 јануари 2020 (понеделник) ќе започне да го применува новиот начин за наплата на паркинг за сите корисници кои не извршиле плаќање или им истекло времето за кое извршиле плаќање.

„Имено доколку нашите наплатувачи се соочат со горенаведениот проблем околу наплатата на паркингот тие согласно одлуката на Советот на Општина Охрид од 10.06.2019 година со број 08-8433/27 ќе издаваат паркинг билет со налог за плаќање од 8 дена од денот на издавање. Цената на паркинг билетот доколку се плати во рок од 24 часа изнесува 800 денари односно 1000 денари ако се плати во рок од 8 дена.“ – стои во соопштението од ЈП „Билјанини Извори“.

Доколку корисникот не ја изврши уплатата во рок од 8 дена ЈП „Билјанини Извори“ согласно актите на претпријатието ќе поведе соодветна постапка за наплата пред надлежните органи.

ЈП „Билјанини Извори“ се надева дека сите корисници на паркинг место со кое стопанисува претријатието ќе ги почитуваат одлуките и уредбите на претпријатието и Советот на Општина Охрид со што во иднина би имале се помалку недоразбирања со корисниците околу користењето и наплатата на паркинг местата.