09/11/2024
Охрид

Јовановски: Во завршна фаза е Проектот за реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“

Денес на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид, се одржа прес-конференција, на која говореше Филип Јовановски, член на ВМРО Народна партија. На истата се презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник на СДСМ, Константин Георгиески.

„Плоштадот „Крушевска Република” е едно од најрепрезантативните места во Охридското централно подрачје и локалитет кој секојдневно има голема фреквенција на гости и туристи. Овој плоштад го означува почетокот на Охридската чаршија и го поврзува овој дел од градот со Главниот плоштад и Градскиот кеј на Охридското Езеро. На овој плоштад е лоциран и Охридскиот Чинар кој е многу важна охридска знаменитост и е една од главните атракции за гостите и туристите.

Сегашниот изглед со целокупната инфраструктура, постоечката фонтана и урбаната опрема на овој плоштад не се на задоволително ниво и истите се во лоша состојба, па оттука се јавува потреба од нивно реконструирање.

Изготвено е Идејно решение и во завршна фаза е Проектот за реконструкција на плоштадот. Уредувањето на овој плоштад ќе придонесе за создавање поубав амбиент за одмор и прошетка на охриѓани и туристите и место каде што ќе може поефикасно да се организираат настани и манифестации особено во текот на летната туристичка сезона.

Со реконструкцијата се предвидуваат нови содржини кои ќе бидат во согласност со стандардите за заштита на културното наследство и една нова понуда која во текот на целата година ќе ги привлекува домашните и странските посетители.

Нашата цел е јавните површини во Охрид да добијат современ лик достоен за еден туристички и културен центар.

На 21-ви април да излеземе и да ја дадеме својата поддршка за конкретни и реално остварливи проекти. Да го заокружиме бројот 7 и да гласаме за нашиот кандидат Константин Георгиески.

Заедно напред за Охрид!

Ви благодарам!“ истакна Јовановски.