26/04/2024
Охрид

Одржана средба помеѓу полицијата и Агенциите за обезбедување

СВР Охрид и Агенциите за обезбедување ги дефинираа мерките и ги координираа активностите со цел подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници. На вчера одржаната работна средба меѓу претставниците на СВР Охрид и Агенциите за обезбедување што своите задачи од јавен интерес ги извршуваат согласно Законот за обезбедување, беше направен пресек на актуелните безбедносни настани на подрачјето и беа најавени засилени мерки на полициските службеници со цел, Новогодишната ноќ во Охрид да помине беспрекорно и без проблеми на безбедносен план.

Од Агенциите, како еден од субјектите во безбедноста на локален план, беше побарана зголемена мобилност и зајакнато ангажирање при физичкото обезбедување на објектите во градот како и натамошна одговорна и доследна примена на нивните овластувања. Агенциите, до СВР Охрид ќе достават ажурирани безбедносни оперативни планови и прецизни прегледи на угостителските објекти со кои имаат склучено договори за обезбедување во текот на претстојните Новогодишни и Божиќни празници како и информации за одредени безбедносни согледувања и проблеми на терен кои можат да влијаат врз степенот на безбедноста. Заради навремено преземање на ефикасни мерки во обезбедувањето и справувањето со безбедносните задачи, СВР Охрид и Агенциите за обезбедување, ќе соработуваат и интензивно ќе контактираат на дневна основа за што се договорени и тимски директни меѓусебни контакти. Целта на работната средба е подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници, намалување на бројот на казнените дела, јасна, доследна и недвосмислена примена на овластувањата и навремено преземање на ефикасни интервенции во делот на јавниот ред и мир и при други казнени дела со елементи на насилство.

На работната средба, беше нагласена потребата од зачестени контакти со трудовиот и со другите инспекторати и локалната самоуправа. На средбата, беше потенцирано дека СВР Охрид, како општествено одговорна институција е постојано посветена на подобрувањето на безбедноста на целото подрачје што е врвен приоритет на службата и сегмент од суштинско значење за граѓаните.