Премиерот Заев на средба со косовскиот амбасадор во заминување Хиса

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими Илбер Хиса, амбасадор на Република Косово во Република Македонија, чиј што мандат завршува во земјата.

Премиерот Заев, на средбата, на амбасадорот Хиса, му изрази благодарност за неговата мисија, личните заложби и придонесот кои тој ги даде за време на неговиот мандат, а кои помогнаа во унапредување на соработката со Република Косово.

Подвлекувајќи дека амбасадорот Хиса, за време на неговиот мандат беше сведок на политичката криза, но и на најновиот период, кога се случуваат позитивни работи за Македонија и за целиот регион, премиерот Заев истакна дека улогата на Неговата Екселенција , како искрен пријател на Македонија и сите нејзини граѓани, беше исклучително насочена кон градење на пријателство меѓу двете земји.

Двајцата соговорници, го потврдија задоволството од досегашната соработка.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Република Македонија, развива повеќе проекти во функција на унапредување на соработката со Република Косово.

Премиерот Заев истакна дека очекува позитивниот амбиент во којшто косовскиот амбасадор Хиса го завршува неговиот мандат ќе продолжи и ќе се надоградува и понатаму и со неговиот наследник.