Премиерот Заев со претставници на „Ротари Дистрикт 1912“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со делегација на „Ротари Дистрикт 1912“ предводена од Зоран Тодоров, координатор на Сојузот на Ротари клубовите на Македонија, и гостите од Словенија, гувернерот на Дистриктот Јанез Липец, заедно Душан Петеркович, од Одборот за соработка меѓу клубовите.

Претставниците на „Ротари Дистрикт 1912“, го информираа премиерот за соработката меѓу Словенија и Македонија, кој е дел од заедничкиот Дистрикт, запознавајќи го со целите која оваа меѓународна сервисна организација, која како „Ротари интернационал“ е основана во 1905 година.

Премиерот Заев, на средбата ја поздрави мисијата на организацијата, особено нивното начело за оваа и идната година кој се води од мотото „Да бидеме инспирација“, а се однесува на младата популација, која преку учење на чесност, почитување, хуманост останува како влог за перспективна иднина.

Премиерот исто така ја истакна подготвеноста на Владата искрено да поддржува секаков вид на помош, соработка и хуманост, потенцирајќи дека токму денеска присуствуваше на средба со ученици, иноватори кои споменале дека биле поттикнати и поддржани токму од Ротаријанците.

Членовите на „Ротари Дистрикт 1912“, премиерот Заев го запознаа со актуелните проекти на кои работат, а кои на балканскиот простор ја опфаќаат и Македонија, и го спомнаа проектот „Едисон“ со кој се обезбедуваат полначи за електрични возила во земјата. Гостите од „Ротари Дистрикт 1912“ го посочија и проектот „Вински пат“, за ставање на мапата на македонските вина како дел од европските рути, како и плановите за искористување на земјоделскиот потенцијал, посебно во источниот дел на Македонија.

Премиерот Заев, посебно ја истакна соработката на Република Македонија и Република Словенија, како успешно продолжување на едно долгогодишно пријателство, кое, како што рече, му дава поттик да се шири како идеја да може да се искористи потенцијалот во сите сегменти на општеството.

„Младите се иднината и наша задача, но и цел и огромна одговорност да го искористиме нивниот потенцијал и да го задржиме во нашите држави, бидејќи само така ќе имаме бенефит“, оцени Премиерот, кому гостите од Словенија му подарија книга за осамостојувањето на Словенија, како симболична инспирација за просперитет и градење пријателство и соработка.