27/04/2024
Македонија

Претседателот Иванов ги прими учениците од ООУ „Кочо Рацин“ од Скопје коишто спасија човечки живот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје, коишто неодамна укажувајќи прва помош, спасија човечки живот.

Учениците ја раскажаа својата спасувачка приказна за немилиот настан, кој благодарение на нивната обука од часовите за прва помош, не заврши со фатални последици. Седмоодделенците Ведран Лауренчиќ, Петар Тодоровски и осмооделенката Мила Кочевска, возејќи се во автобус забележале дека еден од патниците што седел во нивна близина се соочува со сериозни здравствени потешкотии. Учениците веднаш реагирале и укажувајќи му прва помош, успеале да му го спасат животот.

Претседателот Иванов ги пофали учениците за нивниот хуман и несебичен гест и рече дека тоа е позитивен пример коишто треба да го следиме сите. На приемот во претседателскиот Кабинет во Вила Водно, присуствуваа и осмооделенките Софија Стојменова, Нена Гиевска и Марија Гавриловиќ, коишто исто така се дел од екипата на ООУ „Кочо Рацин“ – учесници на натпреварите по прва помош на Црвениот крст.