27/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со германскиот пратеник Хакверди

Претседателот на Владата на Република Македонија денеска се сретна со Метин Хакверди, пратеник во германскиот Бундестаг.

На средбата, пратеникот Хакверди пренесе силна поддршка да се продолжи со процесот на заокружување на решението за спорот што ги кочи евро-атлантските интеграции на Македонија. Во германскиот Бундестаг и кај претставниците на СПД има поддршка за Македонија да продолжи на евроинтегративниот пат. 

Премиерот Заев се заблагодари на големата поддршка од Република Германија, од Бундестагот, од СПД, во процесот на остварување на стратешките цели на нашата држава, вклучително и и за разговорите што се водат со Грција.

– Евро-атлантските интеграции ќе донесат добро за граѓаните на мојата земја, но и за Република Македонија. Насочени сме кон формулации што на достоинствено ниво ќе ги штитат интересите на двете држави. Ако опстоиме на досега изразената политичка волја, решение е можно, оцени премиерот Заев.

На средбата беше заклучено дека евро-атлантските интеграции на Македонија ќе значат и нови работни места и развој на државата во целост. На состанокот посебно беше нагласена важноста од владеењето на правото и правната држава, што ќе отвори пат за ефикасно справување со корупцијата во иднина, бидејќи е порака дека секој граѓанин се почитува од системот, но истовремено е секој еднаков пред правдата.