Расчистено убиството во Велгошти: кривична и притвор за 62-годишен маж од Охрид

Министерството за внатрешни работи го расчисти убиството извршено врз Б.П. (47) во нејзината куќа на улицата „Илинденска“ во охридското село Велгошти, а на осомничениот И.К. (62) од Охрид му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „убиство“, СВР Охрид до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против И.К. (62) кој живее во Охрид. Пријавениот, казненото дело го сторил во периодот од 29.08 до 31.08. 2018 година во куќа на улицата „Илинденска“ во охридското село Велгошти, сопственост на Б.П.(47) од Охрид, со постојано место на живеење во селото Велгошти. По преземени мерки и актовности, на 31.08.2018 година во 21 часот, И.К. е пронајден во куќа во Струга и лишен од слобода, а од страна на судот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.