Средба на премиерот Заев со високи владини претставници на Финска и Ирска

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнето се сретна со Хелен Мекенти, министерка за европски прашања на Ирска и Самули Виртанен, државен секретар и заменик министер во МНР на Финска.

На средбата се изразени честитки за постигнатиот Договор од Преспа, посочен како позитивна порака за целиот регион, дека се можни решенија доколку постои вистинска насоченост кон нив, низ храброст и политичко лидерство, каков што пример даде премиерот Заев.

Исто така, констатирано е дека Република Македонија се движи напред преку реформскиот процес и е изразено охрабрување дека и Ирска и Финска го поддржуваат и ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на државата.

Посебно се разговараше за важноста од постигнувањето вредности во клучни области како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, транспарентноста, почитувањето на човековите права, инвестициите, отворањето нови работни места, развојот на економијата, стабилност и безбедност во државата.

Премиерот Заев рече дека членството на идната Република Северна Македонија во НАТО значи стабилност и безбедност за државата, но и за регионот и дека тоа отвора пат за нови инвестиции и економски развој.

-Има голем интерес од инвеститори коишто ја препознаваат позитивната клима во нашата држава, за инвестирање. Тоа за нас значи шанси за задржување на младите, својата иднина да ја гледаат и градат во Република Македонија. Во однос на реформите, посветени сме, до крајот на февруари да ги донесеме реформите што ги правиме во правосудството за поголема независност, транспарентност и со цел заштита на човековите права. Работиме, низ консензус да ги избереме членовите на новата Антикорупциска комисија. Во тек се реформите во јавната администрација, со цел поголема професионалност. Во завршна фаза, во консултации со земјите членки на НАТО, се реформите во безбедносниот систем. Реформите во медиумите се со цел објективно новинарство. Со сето ова што го работиме, се надеваме дека ќе дадеме силни аргументи, во јуни, од Советот на министри на ЕУ, да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Продолжете да `не мотивирате, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за посветеноста на Владата кон создавање квалификувана работна сила и за потребните позитивни европски искуства во делот на образованието што нашата држава е подготвена да ги земе предвид. Премиерот Заев се заблагодари за конструктивната поддршка од Финска и Ирска. Рече дека имаме културни и традиционални вредности што можеме да ги споделиме со Европа, дека се покажавме добри партнери во справувањето со бегалската криза и ги повика властите во двете земји да продолжат да не поддржуваат во реформскиот процес, потребен за евро-атлантскиот процес, но и за квалитетот на животот на граѓаните.