26/04/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Донесена е погрешна одлука со изградбата на регионална депонија во Дебрца

ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„ВМРО-ДПМНЕ ОК ОХРИД остро се спротивставува на намерата на Владата предводена од Зоран Заев да се гради регионална депонија во Дебрца, во селото Годивје и го повикува своето членство и симпатизери како и сите жители на Охрид масовно да се приклучат во недела на 22 април, на протестниот собир организиран од Здружението против изградбата на регионална депонија во општина Дебрца.

До кога мисли да молчи градоначалникот Стојаноски во врска со депонијата? Дали воопшто не му е грижа тоа што Дебрца е најголемото сливно подрачје на Охридското Езеро кое е под заштита на УНЕСКО и ќе биде колатерална штета за целиот регион?

Јавно го повикуваме Стојаноски да престане да тера партиските политики и интересите на граѓаните да ги стави пред партиските интереси.

Исто така, премиерот Зоран Заев да ја почитува волјата на граѓаните од референдумот кој беше 100% успешен, и по примерот на референдумите од другите општини каде се затвораат рудници, да ја отфрли оваа налудничава идеја за изградба на депонија во Дебрца и секако да си достои на ветеното во Белчишта дека „зборот е збор“.

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид потсетува уште еднаш дека е донесена погрешна одлука со изградбата на регионална депонија и ја поддржуваме целта за нејзино повлекување и заштита на природата и уникатноста на Дебрца.“- стои во соопштението.