За десет години собрани 184,5 тони отпадно масло

Според податоците од фирмата „Суниленс“ од правните лица и домаќинставата во текот на изминатиот десетгодишен период, на територијата на Општина Охрид се собрани вкупно 184,5 тони отпадно масло за готвење. Оваа количина е собрана само од „Суниленс“, а се собрани и дополнителни количини од другите оператори за собирање ваков вид на отпад.

Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Охрид од 2009 година отпочна со реализација на проектот за собирање на отпадни масла генерирани при подготовка на храна. Целта на реализацијата на овој проект беше употребеното масло за готвење да не се фрла заедно со другиот комунален отпад и со него да не се загадува животната средина.

Собирањето на отпадното масло започна во соработка со хотелите, рестораните, сендвичарите и други правни субјекти кои создаваат ваков вид на отпад. Собирањето на отпадното масло на територијата на Општина Охрид започна да го врши овластената фирма „Суниленс“ која од Министерството за животна средина и просторно планирање има дозвола за собирање, складирање и третман на овој вид отпад.

Со спроведувањето на овој проект, во кој голема улога согласно законските надлежности има и овластениот инспектор за животна средина, активно се придонесува за заштита на животната средина и природата.