20/04/2024
Македонија

Бектеши и Трајковски: Прекршочни налози за Кванташки пазар, увозници на овошје и зеленчук и трговски ланци, следат и кривични пријави за затајување на данок

Издадени се прекршочни налози за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата.

Ова денеска го соопштија на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши заедно со Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Министерот Бектеши кажа дека Државниот пазарен инспекторат во кординација со сите надлежни институции кои се во надлежност на Владата, почнувајќи од Државниот пазарен инспекторат, Финансиската полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи ќе продолжат со засилени акции на терен со цел да се почитуваат Одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи.

„Во текот на оваа недела ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Во текот на вчерашниот ден се одземени над 15 тони овошје и зеленчук и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата Анмарк ДООЕЛ, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ и нема да застанеме со акциите и контролите тука, ќе продолжат секојдневно“ кажа министерот Бектеши и најави дека Одлуката за замрзнати цени на основни прехранбени производи ќе е продолжи и во наредниот период.

„Министерот потенцираше дека  избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави.

„Утврдивме дека неколку компании тоа го направиле, при крај се анализите на Финансиска полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити“ кажа министерот Бектеши.

Директорот на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски изјави дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци. Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

„Во текот на минатиот ден Државниот пазарен инспекторт во координација со Финансиска полиција и МВР изврши увид на Кванташки пазар каде што се констатираа многу прекршоци. Изречена е глоба за Кванташкиот пазар, но и за многу увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да  дозволиме непочитување на мерките. Од она што вчера е констатирано е дека има трговци кои не водат евиденција спротивно на член 28, став 1 од Законот за трговија и сторени прекршоци по член 57 став 1 од Законот, член 51 став 1, точка 6 од Законот за трговија одземени се стоки во вредност од 15 тони, беа распределени заедно со Агенцијата за одземен имот и се предадени на одредени институции“ кажа директорот Трајковски.

Директорот Трајковски најави дека од денес сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса.

“Апелирам до сите економски субјекти, практиката, едната опција е да си ги земат платните налози и да си платат, а другата опција е да си го остварат своето право доколку имаат забелешка преку судска постапка. Од денеска сите инспектори кои констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта и ќе ги застапуваат и ќе ги бранат законските одредби според кои ги изрекле прекршоците. Законите мора да функционираат и ќе функционираат. Нашата цел е доследно почитување на законите и функционирање на системот, а граѓаните ги охрабруваме да ги пријавуваат неправилностите кои ги нарушуваат нивните потрошувачки права“ кажа директорот Трајковски.