28/02/2024
Охрид

Претставници од Бернската и Рамсарската конвенција и експерти од УНЕСКО на работен состанок во Општина Охрид

Претставници на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, претставници на Рамсарската конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење и експерти на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство (УНЕСКО), денеска беа во посета на Општина Охрид и остварија работен состанoк со градоначалникот Кирил Пецаков.

Во своето поздравно обраќање пред гостите, градоначалникот Пецаков искажа голема благодарност за нивниот целокупен ангажман и поддршка во насока на зачувување и вреднување на Светското природно наследство со кое располага Охридскиот регион, Охридското Езеро и планината „Галичица“.

– Заедно со сите надлежни институции, во текот на изминатиот период сериозно работиме на подобрување на капацитетот за ефективно спроведување на сите препораки за соодветна заштита и успешно надминување на сите проблеми кои се таложеле години наназад.

Се надевам дека на оваа денешна средба ќе оствариме конструктивна и позитивна дискусија преку која уште еднаш ќе ги посочиме приоритетните мерки и ќе ги потврдиме нашите определби во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО. Исто така од вашата денешна посета очекувам да добиеме реална и независна проценка на состојбата и мерките кои понатаму ќе треба да се преземат за зачувување на светското природно наследство во регионот на двете страни на Охридското Езеро и на планината Галичица.

Сметам дека само заеднички, преку јасно дефинирана стратегија, координирани активности, меѓуопштинска и меѓугранична соработка, можеме да обезбедиме заштита и одржлив туристички развој на крајбрежјето. Затоа е потребно сите општини од брегот на езерото, подеднакво да се вложат и да преземат конкретни чекори кои ќе бидат во полза на целокупниот процес за зачувување на природното наследство.

Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети на Општина Охрид.  Продолжуваме да преземаме важни чекори за обезбедување на поголема заштита и зачувувањето на биолошката разновидност. Ова особено се однесува на третманот и одведувањето на отпадните води од крајбрежните населби и отстранување на сите критични точки. 

Она што природата ни го подарила како богатство, а светот го препознава како светско природно наследство, обврзани сме да го сочуваме за идните генерации. Токму затоа заедно со останатите наделжни институции ќе продолжиме да ги вложуваме сите наши професионални и политички капацитети за остварување на таа цел, истакна Пецаков во своето обраќање.

На работниот состанок се разговараше за четири клучни точки поврзани со Општина Охрид, кои беа од интерес на експертите и се однесуваат на зачувување на природните богатства: Нелегалните градби, Заштитата на животната средина, Заштитата на Студенчишкото блато и Урбанистичкиот план „Горица Север“.

На состанокот беа присутни претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници на други надележни институции, градоначачникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески и претставник на Општина Струга.

Официјалната мисија на високите претставници за заштита на животната средина се поврзани со Отворениот фајл за Република Северна Македонија: „Наводни негативни влијанија врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица – кандидати за Емералд подрачја, поради развојот на инфраструктурата“. Мисијата започна со вчерашниот состанок во Скопје со тимот на Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Мисијата продолжува денес и утре со посета на  НП „Галичица“, Општина Струга, а предвидена е и теренска посета на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и дел од охридско-струшкото крајбрежје.


WebOhrid / 26.04.2023 / Општина Охрид