Владини делегации присуствуваа на комеморативните настани за одбележување на 78-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи

По повод 78-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна, владини делегации денеска присуствуваа во Скопје на комеморативните настани, организирани од Еврејската заедница во нашата земја.

Во спомен на овој трагичен настан, владина делегација предводена од министерот за правда Бојан Маричиќ положи свежо цвеќе на споменикот во чест на 7.144 македонски Евреи, кој се наоѓа во поранешниот скопски Монопол („Империал тобако – ТКС“), од каде во 1943 година биле депортирани кон нацистичкиот логор на смртта „Треблинка“.

Владина делегација предводена од министерката за култура Ирена Стефоска положи свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната борба (НОБ) на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Во Република Северна Македонија и годинава на пригоден начин со низа активности и настани се одбележува споменот на жртвите од холокаустот за никогаш да не се заборави оваа голема трагедија, но и како потврда на заложбите за борба против антисемитизмот и сите форми на зло и неправда.