Директорот Тасевски на 50. Европска Регионална Конференција на ИНТЕРПОЛ

Денеска (08.05.2023) беше отворена 50. Европска Регионална Конференција на најголемата полициска организација во светот ИНТЕРПОЛ, во Охрид, Република Северна Македонија, со обраќања од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси.

По отворањето на конференцијата следеше официјалниот дел на утринската сесија на која директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски имаше свое обраќање пред делегатите, на тема Современи безбедносни предизвици во Европа.

Директорот Тасевски на почетокот од своето обраќање ја изрази честа да се биде дел од 30 годишнината од зачленувањето на Република Северна Македонија во ИНТЕРПОЛ, при што се осврна на клучните сегменти во полициското работење. Притоа, покрај класичните форми на организиран и сериозен криминал, како што се илегална миграција, сузбивањето на организираните криминални групи во областа од недозволена трговија со дрога и оружје, итн, како и комплексноста и развојот на настаните во Украина кои имаат силно влијание на безбедноста во регионот, директорот Тасевски ги наведе и предизвиците со кои се соочуваме денес како што се сајбер заканите.

„Хибридните закани продолжија и во текот на оваа година, за што државата континуирано гради механизми за одговор на овој вид на предизвици, чии појавни облици не можат да се предвидат. Во борбата против глобалните закани како што се тероризмот и сајбер криминалот заземаме систематски пристап, со кој практиката и преземените дејствија во континуитет се поддржани од експерстките знаења”, рече директорот Тасевски, при што заклучи дека е неопходно да се продлабочи соработката помеѓу државите во регионот и да се обезбеди координиран пристап на надлежните институции, кои се единствениот клучен и вистински противодговор на организираниот трансационален криминал, особено недозволената трговија со дрога, илегалната миграција и криумчарењето мигранти.

„Секоја од нашите држави, самостојно и како единки, невозможно е да се избориме со предизвиците кои ги носат современите состојби со организираниот транснационален криминал, тероризмот, хибридните закани или последиците од воените дејствија. Затоа денес, ја имаме можноста да ги охрабриме институциите задолжени за спроведување на законот да настапуваат заеднички и координирано, навремено да споделуваат релевантни информации, да спроведуваат заеднички операции и акциски денови, бидејќи само така ќе можеме да изградиме мрежа на ефикасни полиции кои ќе придонесат за безбедност на регионот”, рече Тасевски говорејќи за важноста од поврзување на регионот преку заеднички активности.

„Регионот дели исти безбедносни предизвици во многу области, па оттука нè врзуваат и многу заеднички активности. Затоа, особено е важно земјите членки на ИНТЕРПОЛ оперативно да го зголемат обемот на помош, поддршка и соработка за сузбивање на меѓународниот и организираниот криминал, со што ќе се генерираат и нови алатки за превенција, софистицирани информациски системи, следење и успешно справување со криминалот во сите негови форми”, подвлече директорот Тасевски.