09/11/2024
Македонија

Одбележан Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и јубилејот 20 години од основањето на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка на Министерството за внатрешни работи м-р Магдалена Несторовска, заедно со членовите на Националната комисија со пригоден настан го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе преку јубилејна промоција на работата на Националната комисија во изминатите 20 години. Настанот се одржа во комбиниран формат, со присуство на дел од членовите на Националната комисија во Министерството за внатрешни работи и преку електронската платформа „Зум“, преку која пошироката стручна јавност можеше да го проследи настанот.

Во своето обраќање м-р Несторовска меѓу другото констатираше: „Нашата борба и нашето внимание против ова зло на човештвото – трговијата со луѓе, не може и не смее да заврши тука. Ние, како Национална комисија ќе продолжиме со несмален интензитет заедно со сите чинители да работиме, прво на полето на подигање на јавната свест и превенцијата, со цел да обезбедиме што поголема видливост на жртвите на трговија со луѓе. Поголемата видливост значи поголема превенција и обезбедување поголема заштита на жртвите. Тоа подразбира ефикасни истраги и кривичен прогон и соодветно санкционирање на сторителите. Сето ова претставува одговор на државата за обезбедување на полесен и побрз пристап до правдата, за адекватно обештетување, со цел жртвите да продолжат со своите животи. Само ваквиот комплексен пристап на државните органи, заедно со меѓународните организации и здруженија на граѓани, може да ни гарантира успешни резултати во борбата против трговијата со луѓе“.

Во продолжение на настанот беше отворена дискусија за улогата на Националната единица во борба против трговијата со луѓе, а свое обраќање во овој дел имаа раководителот и помошник раководителот на Националната единица за сузбивање криумчарење на мигранти и трговија со луѓе. Претставникот од Министерството за труд и социјална политика се осврна на улогата на министерството во борбата против трговијата со луѓе.

Одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и јубилејот 20 години од основањето на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција со свои обраќања го збогатија шефицата на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Скопје и претседателката на Здружението на граѓани „Отворена порта“.