24/04/2024
Македонија

Првите механички вентилатори донирани од ЕУ предадени на Министерството за здравство

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар ги предаде првите 12 мeханички вентилатори на министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик министерот за здравство Арменд Арслани за зајакнување на капацитетите на здравствениот систем во борбата со КОВИД-19. Исто така, ЕУ обезбеди и 5,000 заштитни маски. Оваа прва испорака е дел од најавената поддршка од Европската Унија во вредност од 4 милиони евра за владата на Северна Македонија за итна набавка на неопходна медицинска опрема и материјали.  

„Ова претставува прва пратка од солидарната поддршка од ЕУ наменета за Северна Македонија во борбата со КОВИД-19. Ќе имаме дополнителни испораки во следните недели. Ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме земјата и граѓаните во надминување на овој заеднички предизвик“, изјави амбасадорот Жбогар.

Согласно приоритетите на владата, со поддршка на ЕУ ќе се набават вкупно 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31,300 тестови и близу 40,000 парчиња разна медицинска опрема како кислородни маски, филтри, катетри и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор. Обезбедените средства, исто така ќе се користат за набавката на навистина потребната заштитна опрема за здравствените работници и тоа 30,000 заштитни маски за лице, 100,000 хируршки маски, 750,000 хируршки ракавици, 20,000 заштитни очила и друга основна заштитна опрема. Оваа претставува најзначајна меѓународна поддршка која државата ја добива во справување со последиците предизвикани од епидемијата на новиот корона вирус.

„Во овие исклучително неизвесни времиња за целиот свет, конкретната и особено видлива помош од Европската Унија како несомнено најголем наш донатор во кризава предизвикана од пандемијата, дава чувство на сплотеност, солидарност и сигурност дека заедно ќе излеземе од ова премрежје. 

Дека сме третирани речиси како земја членка на Унијата во поглед на вклученост во механизми и фондови за справување со пандемијата од вирусот КОВИД-19 и нејзините последици, говори не само денешнава значајна донација во вистински момент – од 12 комплетно нови респиратори, како и 5000 заштитни маски FFP2 за здравствените работници, туку и целокупната нивна досега планирана помош. Би сакал да упатам искрена благодарност до ЕУ што ги препозна и подржа нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и особена благодарност што ни дадовте чувство на припадност во тимот Европа“ – изјави МНР Димитров.

Набавката на приоритетна медицинска опрема и материјали ја спроведува Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги УНОПС, која на глобално ниво ги активира процедурите за итни набавки за да им помогне на земјите да одговорат на кризата предизвикана со пандемијата. Целокупната количина на опрема и материјали се очекува да биде доставена до почетокот на месец јуни 2020.

„Во оваа прва фаза на проектот, Министерството за здравство доби 12 комплетно нови машини за механичка вентилација, кои ќе бидат ставени на располагање за третман на најкомплексните случаи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во ГОБ 8 Септември во Скопје, како и 5,000 заштитни маски FFP2 кои се дел од личната заштитна опрема на здравствените работници“, изјави заменик министерот за здравство Арслани.

Освен оваа поддршка за справување со кризата предизвикана од пандемијата, Европската Унија обезбеди 66 милиони евра за поддршка на Северна Македонија за надминување на ефектите предизвикани од КОВИД-19, а е во процес на обезбедување на дополнителни 160 милиони евра кои ќе бидат достапни како заеми за справување со фискалните предизвици.