04/12/2024
Македонија

Трајанов: Постапката за Хашките предмети да продолжи

На денешната парламентарна расправа, во врска со изборот на двајца министри (за здравство и за информатичко опшество), Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, меѓу другото го нагласи следното:

„Наместо техничката Влада да работи на создавање услови за организирање фер и демократски избори, подобрување на изборните правила, превентивно да делува за елиминирање на какви било можности за кршење на изборните правила, како и нормално функционирање на системот во целина, премиерот само по неколку дена од преземањето на функцијата предлага реконструкција. Во суштина, ДУИ и СДСМ директно се вклучија во внатрепартиските процеси во Алијансата на Албанците, откако беше објавено дека Алијансата нема да се приклучи на коалиција помеѓу ДУИ и СДСМ, туку на опозициониот сојуз на албанските партии.

СДСМ долго се обидува да направи раскол во ВМРО-ДПМНЕ, се вмеша во изборот на лидер на НСДП, го отстрани од функцијата претседателот на ЛДП и сега, заедно со ДУИ, предизвикаа раскол во Алијансата на Албанците.

Во овие тешки состојби за граѓаните овие две партии се самопрогласуваат за проевропски, за влез на Македонија во ЕУ.

Без правда, со висока корупција, со колабирани државни институции, ‘точно’ е дека ги отворија вратите на ЕУ, каде од 2001 година во еден правец заминаа над 200.000 Албанци и над 800.000 Македонци. Меѓу другите причини за тоа, се и рефлексиите од конфликтот од 2001 година, конфликт кој во основа беше војна за територии, но подоцна, под силен притисок на меѓународните фактори, стана борба за човекови права.

Затоа се залагам да се истражат сите аспекти на овој конфликт, причините за истиот,кој и зошто ја опструираше одбраната, кој и зошто заговараше размена на територии и население, кој изврши злосторства над цивилите, кој профитира од конфликтот, како и други прaшања, за да изгрaдиме механизми да не се повтори, а такви обиди имаше – Диво насеље во Куманово и Смилковско езеро.

Затоа, ве повикувам сите пратеници да создадеме услови да продолжат истражните активности за четирите Хашки предмети („Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски рабитници“) случаи на воени злосторства над цивили, кои не застаруваат.

Да постапиме по барањето на Советот на Европа, барање кое се крие од Парламентот и од јавноста.

БЕЗ ЦВРСТА ОСУДА НА ЗЛОСТОРСТВАТА ОД МИНАТОТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ МИРНО И ДЕМОКРАТСКО ОПШТЕСТВО.“ – истакна Трајанов.

Павле Трајанов ја афирмираше определбата за итна седница на Парламентот за ублажување на проблемите и хаосот со личните документи, како и одговорноста за креаторите на ваквите состојби, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Бујар Османи.


WebOhrid / 12.02.2024 / Демократски сојуз