28/02/2024
Македонија

Претседателот Иванов се сретна со Метју Палмер, вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на САД

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Метју Палмер вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија.

На средбата беше разговарано за актуелните политички состојби во Република Македонија и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.

Македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија уште во 2008-та година ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови.

Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси.

На средбата, претседателот Иванов потенцираше дека одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион е од клучно значење за целиот европски континент.