07/12/2024
Македонија

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството: Позитивни оценки на Венецијанската комисија за Законот за судови

Деветтата седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2022 година) на Владата на Република Македонија започна со реферирање на министерката за правда Рената Десковска за позитивното мислење од Венецијанската комисија за Законот за судови.

Министерката Десковска, ги информираше членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор дека Венецијанската комисија дала „зелено светло“ за Законот, со потврда дека нема посериозни забелешки или сугестии на законот. Таа рече дека Комисијата има свои видувања за две работи, но дека и за нив дозволува расправа во парламентот. Имено, станува збор за ситуации кога судија е на времен трансфер во понизок суд и притоа да не му се намалува платата, како и за прашањето за не изземање на судија.

„Станува збор за ситни забелешки. Генерално, Секретаријатот на Венецијанската комисија смета дека предложените измени се во согласност со позицијата на комисијата изразена во претходните мислења. Текстот на законот за судови сега е многу појасен, внатрешно покохерентен и многу подобро го одразува европскиот пристап кон одговорноста на судиите“, се вели во дел од писмото кое што во името на Венецијанската комисија е потпишано од Томас Маркерт, директор на Секретаријатот.

По усвојувањето на записникот од седницата на Советот, одржана на петти овој месец, Советот за реформи на правосудниот сектор пристапи кон разгледување на законите од областа на јавното обвинителство, а со акцент на Законот за Специјално јавно обвинителство.

Во дискусијата Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовевски, рече дека ги прифаќа сите искажани забелешки за сметка на Законот за Јавно обвинителство, но во исто време тој е на мислење дека би било убаво да постои единствен закон за Јавно обвинителство што, пак, подразбира дека во тој закон би се вклопил и сега понудениот Закон за Специјално јавно обвинителство.

Некои од членовите во Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството се на мислење дека Специјалното јавно обвинителство треба да остане и да функционира како посебно обвинителство, со тоа што тоа треба да прерасне во уставна категорија. Идејата на предлагачите е СЈО да продолжи да ја извршува својата работа без притоа да размислува дали ќе дојде до промена на власта и евентуално нивно укинување или формирање на некое сосема ново обвинителство.

Со усвојување на конкретни заклучоци, предложени од министерката Рената Десковска, како и со насоки за работа за следната, Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2022 година) на Владата на Република Македонија ја заврши работата за оваа календарска година.