12/11/2024
Македонија

Средба на премиерот Спасовски со претседателот на парламентарната група Renew Europe (Рињу Јуроп) во ЕП, Циолос и со известувачот за земјава во ЕП, Кјучук

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи и од министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, се сретна со претседателот на парламентарната група Renew Europe, (Рињу Јуроп) во Европскиот парламент, Дациан Циолос, придружуван од Илxан Кјучук, европратеник и известувач за Република Северна Македонија во Европскиот парламент и од Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во нашата држава.

Пренесена е силна порака за јасна поддршка на очекуваното отворање преговори на Република Северна Македонија со Европската унија – и на билатералната средба помеѓу двете делегации и на заедничката прес-конференција што ја имаа премиерот Спасовски и претседателот на Renew  Europe (Рињу Јуроп), Циолос.

На прес-конференцијата, претседателот на Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос, соопшти дека оваа парламентарна група, инаку трета по големина во Европскиот парламент со претставници од најголем дел од земјите членки на ЕУ, го поддржува процесот на проширување на Европската унија и смета дека Република Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, затоа што ги исполни сите побарани критериуми.

Исто така, беше пренесена и пораката за определеноста на Европскиот парламент да гради партнерски однос со нашата држава во пристапниот евроинтеграциски процес, на којшто се гледа како на можност за усогласување на законодавството со цел реформи што даваат резултати за граѓаните на нашата земја, но и како на достапност до пристапните фондови на ЕУ во интерес на квалитетот на живот на нашите граѓани.

Порачано е и дека од нашата држава се очекуваат мирни, фер и демократски избори и политичка кампања спроведена со позитивна реторика, што ќе биде значајно за Извештајот што го подготвува Европската комисија за земјава.

Премиерот Спасовски и на билатералната средба и на прес конференцијата изрази благодарност до претставниците на Renew  Europe (Рињу Јуроп) и до Европскиот парламент за охрабрувачките поддржувачки пораки за европерспективите  на земјава, по позитивните  сигнали со поддршка за нашата земја од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, од еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји и од другите европски претставници, при посетата, пред неколку дена, на Брисел.

„За нас е многу значајна поддршката што ја имаме од Европскиот парламент, кон којашто со ист интензитет е придружена и поддршката на парламентарната група Renew  Europe (Рињу Јуроп).

Со нашите пријатели од Renew  Europe (Рињу Јуроп) споделивме заеднички став дека очекуваната позитивна одлука на Европскиот совет за нашата земја, заедно со новата методологија, ќе го врати кредибилитетот на ЕУ и ќе обезбеди кохерентен и предвидлив процес на пристапување, што нема да ја загрози одржливоста на досега постигнатите реформски резултати на Северна Македонија.

Тоа ќе ја потврди исправноста на нашата определба да бидеме полноправна членка на ЕУ, како што го заокружуваме полноправното членство во НАТО.

Затоа, и во оваа прилика, преку европските пратеници, упатив порака до сите земји членки на ЕУ да донесат позитивна одлука за отворање преговори“, рече премиерот Спасовски на прес-конференцијата.  

Претседателот на Владата, Спасовски, ги истакна позитивните сигнали и охрабрувањето за нашата посветеност и доследност во спроведувањето на реформски потфати како мотивација за испорачаните нови аргументи, со цел приближување до почетокот на преговорите со ЕУ.

„Ние покажавме политичка зрелост и институционален капацитет за сериозни реформи, дури и во предизборниот период. Во наредниот период очекуваме исто таква зрелост од државите членки на ЕУ, за да не се даваат аргументи за зајакнување на националистичката и антиевропската  реторика во земјава, што може да ги стави во ризик Договорот од Преспа и реформските процеси.

Владата на Република Северна Македонија остана доследна на реформскиот курс и на европските политики. Ги заокруживме реформите во правосудството со донесувањето на Законот за јавно обвинителство и тоа е чекор поблиску до ефикасна борба со организираниот криминал и корупција. Распишани се избори и оваа Влада ќе направи сѐ за да се организираат и спроведат слободни, фер и демократски избори“, изјави премиерот Спасовски.

Тој соопшти дека со претседателот на парламентарната група Renew  Europe (Рињу Јуроп), Циолос, е споделен ставот  дека конкретната перспектива за пристапување на нашата држава во членство на ЕУ, е важна за стабилноста и безбедноста и во поширок регионален контекст, за преку носењето мудри одлуки да се прати порака дека преку дијалог може да се решат сите отворени прашања и конечно земјите да се посветат на развојот на економијата.

Во одговорите на новинарските прашања, претседателот на парламентарната група Renew  Europe (Рињу Јуроп), Циолос, посебно ги нагласи како важни реформите во обезбедување владеење на правото, независно правосудство, транспарентна и позитивна изборна кампања, како и почитувањето на договорите со соседите, со што Република Северна Македонија ќе испрати порака дека ги почитува меѓународните договори, а со тоа и дека ќе биде добар партнер на државите во Европа.  

Премиерот Спасовски, во одговорите на новинарските прашања нагласи дека Владата е подготвена да спроведе фер и демократски избори и повика на позитивна кампања од страна на политичките партии, бидејќи и граѓаните не сакаат валкани кампањи туку позитивни пораки.

На билатералната средба на двете делегации, што се одржа пред прес-конференцијата беше разговарано за значајноста на моментумот за исчекор во евроинтеграциите на нашата држава, со цел мотивација на граѓаните и на институциите за продолжување на движечките реформи кон зајакнување на институционалните капацитети и на определбата кон европските конструктивни политики и вредности, во интерес на добрата иднина на земјава и на регионот.