22/04/2024
Македонија

Средба на претседателот Иванов со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупните билатерални односи и одличниот политички дијалог на сите нивоа меѓу двете држави. Заемна констатација на средбата беше дека меѓу Република Македонија и Црна Гора нема отворени прашања и дека двете земји се посветени на идентични надворешно-политички цели, мир и стабилност во регионот, како и на проширување и развој на регионалната соработка.

На средбата беше посочено дека само со целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, Европа може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува.

Соговорниците констатираа дека економската соработка не соодветствува со нивото на политичките односи и беше истакната потребата од подобро инфраструктурно поврзување како предуслов за развој на економијата и трговската размена.

Претседателот Иванов порача дека парламентарната димензија е значаен сегмент во севкупната соработка и изрази надеж за нејзино натамошно унапредување.

Македонскиот претседател и претседателот на собранието на Црна Гора разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.