Финансиска поддршка за реализација на активности од локалните акциски планови за подобрување на состојбата на Ромите

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерот без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата со Ромите во Република Македонија, Аксел Ахмедовски, со градоначалниците на 12 општини кои што имаат подготвено локални акциски планови за имплементацијата на Стратегијата, денеска потпишаа договори за финансиска поддршка на конкретни активности, со средства од централниот буџет за 2018 година.

– Социјалната инклузија е еден од најважните услови за градење на мирно, стабилно и демократско општество, општество во кое што ќе се обезбеди соодветна претставеност и остварување на правата на сите заедници и целни групи. Очекувам дека општините со поддршка од Владата, но и самостојно, со помош на донаторската заедница ќе ги реализираат акциските планови и реално ќе влијаат на подобрување на состојбата на Ромите во локалната заедница, а примерот на  дванаесетте ќе го следат и другите општини, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

– Средствата не се големи, но треба да бидат поттик за општините. Република Македонија е лидер во креирањето на јавни политики за Ромите, но потребно е уште многу работа секој Ром да може да живее достоинствен живот. Со поддршка на Владата, на надлежните министерства, општините и другите институции верувам дека ќе се подобрува состојбата на Ромите во Република Македонија, рече министерот Аксел Ахмедовски.

– Приоритет за општина Шуто Оризари беше да се подготви локален акциски план за подобрување на состојбата на Ромите. Сега имаме Влада која ни е партнер и сериозен поддржувач на нашите активности. Се надевам дека соработката ќе продолжи, рече градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Согласно Одлука на Владата, со 3 милиони денари општините Шуто Оризари, Пехчево, Берово, Делчево, Виница, Кочани, Штип, Куманово, Чаир, Тетово, Битола и Прилеп, финансиски се поттикнати да пристапат кон имплементација на локалните акциски планови за подобрување на состојбата на Ромите во локалните заедници.