27/04/2024
Македонија

Бектеши: Министерството за економија ќе додели над 7.000 ваучери за инвертер клими за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на сметките за струја на граѓаните

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата информираше за мерката која ќе се спроведува од страна на Министерството за економија која предвидува доделување на потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, со цел зголемување на енергетската ефикасност во своите домови и остварување на заштеди.

За оваа мерка согласно Програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година кои ги донесе Владата предвидени се 4,1 милиони евра за над 7.000 ваучери за инвертер клима уреди за што ќе бидат објавени Јавни повици.

Граѓаните за оваа мерка ќе можат да аплицираат од утре, 1 февруари 2024 година.

„Согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, лицата со ниски примања за самец (вкупни приходи до 21.000 денари), домаќинство со два члена (вкупни приходи од 30.000) и домаќинство со три члена (вкупни приходи од 35.000 денари), ќе може да добијат ваучер во вредност од 27.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена (вкупен приход од 40.000 денари) и домаќинство со пет члена и повеќе (вкупен приход од 45.000 денари) ќе може да добијат ваучер за инвертер клима во вредност од 30.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ. Вкупните средства за реализација на оваа програма се во износ од 45 милиони денари буџетски средства (73 илјади евра)“, информираше министерот Бектеши.

Според министерот, согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинства ваучер во вредност од 25.0000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и Југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), за што се предвидени вкупно 100 милиони денари (1,62 милиони евра).


„Ваучер во износ од 23.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат на останатата територија на Република Северна Македонија, односно во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион, за што се предвидени исто така вкупно 110 милиони денари (1,78 милиони евра)“, кажа министерот Бектеши.



Услови кои треба да ги исполнуваат сите домаќинства за да го остварат правото на учество по овие јавни огласи:



  • во изминатите три календарски години не користеле средства од било кој извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима уреди; 

  • да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот – уредот да биде купен и вграден во текот на 2024 година, а најдоцна до 30.11.2024 година на адресата која е наведена во барањето;

  • набавениот уред задолжително да ги има следните карактеристики: да има минимум COP 3.0, да грее на надворешна температура од -15°C  и биде најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење;
  • нема да поднесе барање за искористување на финансиска поддршка преку доделување на потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди по јавниот оглас од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година (за оние кои ќе аплицираат за Програмата за поттикнување за енергетска ефикасност).



Согласно предвидените средства за овие две програми од вкупно 255 милиони денари или 4,1 милион евра, со целосно нивно искористување се предвидени околу 7.000 ваучери за инвертер клима уреди.
Огласите ќе траат 20 дена од денот на објавувањето, со можност за продолжување од 15 дена, во случај на недоволен број пристигнати барања.
Едно лице од едно домаќинство може да поднесе само едно барање за доделување на потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.


За да аплицираат за овие два огласи граѓаните ќе треба да пополнат: барање кое што ќе може да го подигнат во Архивата на Министерството за економија или на веб-страната на Министерството за економија, изјава за точноста на податоците заверена на нотар, фотокопија од лична карта од сите членови на домаќинството, како и копија од последна платена сметка за електрична енергија.

Во исто време Министерството за економија ќе објави и јавен повик за пријавување на интерес на компании кои вршат трговија со висококвалитетни инвертер клима уреди со дефинирани услови кои ќе треба да ги исполнуваат, со кои потоа ќе биде склучен договор. Листата на трговци преку кои ќе може да се набавуваат инвертер клими со ваучери ќе биде објавена на веб-страната на Министерството за економија.
Огласите ќе бидат објавени утре на веб-страната на Министерството за економија и во печатените медиуми Коха и Слободен печат. Ќе важи условот прв дојден – прв услужен.