26/04/2024
Македонија

Бочварски: Обезбедени нови 3 илјади транспортни дозволи за домашните транспортери

„Правиме најголем исчекор во транспортниот сектор каде домашните транспортери добиваат нови 3 илјади меѓународни дозволи за превоз на стока, што е огромна придобивка за транспортните компании и цела домашна економија”, изјави денеска министерот Благој Бочварски, кој во просториите на Министерството за транспорт и врски одржа состанок со претставниците на транспортните здруженија „Америт” и „Макам Транс”.

Економската соработка со соседите е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Патниот транспорт во државата зема големо учество во креирање на бруто домашниот производ од околу 10% и затоа добивањето на овие нови дозволи за превоз на стока е од големо значење.

Министерот потенцираше дека со приемот на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморската економска соработка, се создаваат услови за олеснување на патниот транспорт во земјите на црноморскиот регион. 

„Со членството во оваа организација, Република Северна Македонија за првпат добива 3 илјади транспортни дозволи од годишната квота за 2022 година од системот на ЦЕС. Придобивките се веќе евидентни и тоа се манифестира преку постепената либерализација на транспортниот пазар во земјите на овој регион. Дозволите веќе се прикачуваат во електронскиот систем за распределба на дозволи на Министерството за транспорт и врски и истите ќе им бидат на располагање на домашните транспортери од следната недела од кога ќе можат и да аплицираат за нив“ – изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.