29/04/2024
Македонија

Бочварски: Преку 50 дестинации од Северна Македонија, од денеска нова авиолинија Скопје – Осло

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, на Меѓународниот аеродром Скопје ги пречекаа првите патници на линија Осло – Скопје со што го означија воспоставувањето на новата авиолинија, која ќе ја оперира авиокомпанијата Норвеџиан Ерлајнс.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Бочварски.

„Продолжуваме со реализацијата на нашите успешни политики за развој на авиосообраќајот и цивилното воздухопловство во Северна Македонија. Во континуитет обезбедуваме нови дестинации за нашите граѓани, овозможуваме зголемен развој на туризмот во земјата, а со тоа и раст на домашната економија.

Овој месец се воспоставија неколку нови линии од охридскиот аеродром, а еве веќе од денеска, на заедничко задоволство  ја промовираме линијата Скопје – Осло која ќе биде реализирана преку авиокомпанијата  Норвеџиан Ерлајнс. Сакам да упатам благодарност за тоа што ја избраа Северна Македонија во нивната мрежа на дестинации.

Влегувањето на норвешката авиокомпанија на македонскиот пазар е само потврда на успешните политики што ги реализираме заедно со ТАВ Македонија.  Создавајќи поволни услови за авиокомпаниите, ја доближуваме земјава поблизу до европските пазари.

Од Меѓународниот аеродром Скопје до сега бевме поврзани со Осло преку авиокомпанијата Визер, но со оваа нова линија на Норвеџиан ерлајнс даваме дополнителна алтернатива и можност за унапредување на економијата, туризмот и генерално  конекцијата со Норвешка. Линијата ќе сообраќа два пати во неделата и уверен сум дека ќе отвори многу нови перспективи и зближување помеѓу двете земји.

Со нашиот партнер ТАВ имаме одлична соработка, а тоа се гледа и преку резултатите што ги остваруваме.

Оваа година сме на добар пат да оствариме рекордно ниво на авиосообраќај од нашите два аеродрома, каде само за споредба во периодот јануари – средина на јуни 2023 имаме зголемување од 44% во однос на истиот период изминатата 2022 година, што е силен доказ за нашата посветеност и упорност да овозможиме подобри услови и услуги во авиосообраќајот во земјава.

Како што напоменав неколку пати, тригодишната програма за воспоставување на нови авиолинии ги дава посакуваните резултати. 
Со тоа владата останува силно посветена во унапредување и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија.

Квалитетни услуги за нашите граѓани, нови дестинации, повеќе туристи и максимално искористување на капацитетите на нашите два аеродроми останува наш врвен приоритет“, се обрати министерот Бочварски.