29/04/2024
Македонија

Двата хеликоптери на МВР, Ми-171 и Бел 412, учествуваа во локализирање на пожарот во кочанско со исфрлени 56 тони вода

Одделот за воздухопловни единици денеска (15.08.2023) со два хеликоптера, Ми-171 и Бел 412, активно работеше на локализирање на пожарот во реонот на Кочани, поточно во близина на селата Соколарци, Врбјани и Жиганци, во кој беше зафатена површина од околу 2500 хектари, претежно нискостеблеста шума и ливади, во понискиот дел од теренот, а постоеше опасност од пожарот да бидат зафатени куќи и бачила, кои се наоѓаа во непосредна близина на линијата на пожарот.

Имено, почнувајќи од 16.00 часот, хеликоптерот Ми-171 од Хеликоптерската единица за посебни намени во 15 наврати исфрли повеќе од 38 тони вода, а хеликоптерот Бел 412 од Хеликоптерската единица за полициски работи во 17 наврати исфрли 18 тони вода. Во координација со противпожарните служби, останатите служби на терен и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување успешно беше спречено ширење на пожарот кон населените места и бачилата кои ги делеа само неколку метри од линијата на пожарот.