26/04/2024
Македонија

Делегација на Владата на РМ положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров

Владина делегација што ја предводеше министерот за здравство Венко Филипче, во придружба на министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните компании Зоран Шапуриќ, и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, положи свежо цвеќе на гробот на покојниот поранешен претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Како прв претседател на самостојна и независна Република Македонија, Глигоров имаше клучна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање.

Остануваат запаметени, меѓу другото, и неговите ставови за добрососедските односи дека „ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга… И да ја оставиме историјата на страна“.