29/04/2024
Македонија

Започнува академската 2023-2024 година, Шаќири им посака успех на студентите и професорите

Денеска започнува академската 2023-2024 година и на сите вклучени во високообразовниот процес, почнувајќи од студентите, особено оние кои за прв пат влегуваат на факултетите, понатаму на наставниот кадар и другите вработени на високообразовните установи им посакувам со добро здравје и среќа да постигнат многу успеси и да ги остварат целите кои ги имаат поставено,  патот до нив започнува од сега. 

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, каде потенцираше дека верува во потенцијалот на новите генерации кои покажале дека имаат волја образовно да се надградуваат и да создаваат нешто повеќе за себе, но и за државата. 

„Можеби националниот високообразовен систем не е совршен, но ценам дека младите ги имаат сите неопходни услови за непречено учење и фокус кон суштината на учењето. Се трудиме да ги поддржиме со бројни категории на стипендии чии износи неодамна значително ги зголемивме, а конкурсот за оваа академска година наскоро ќе биде објавен. Обезбедивме субвенциониран студентски оброк за секој редовен студент и тој исто така е зголемен од годинава. Очекувам до крајот на календарската година да започнеетапната реконструкција на сите 9 државни студентски домови. Се заложивме за модернизација на лабораториските услови на факултетите. Остануваат отворени програмите за мобилност како Еразмус и Хоризонт“ рече Шаќири.

Додаде дека сето ова оди во прилог на олеснување на едукацијата. 

„Ги намалуваме грижите кои некогаш јас, мојата генерација и генерациите пред мене, сме ги имале. Не велам дека нема да се појават нови грижи. Но, драги студенти сакам да знаете дека нема да бидете оставени сами на себе. Како институции на системот секогаш ќе стоиме зад Вас и вашите интереси ќе бидат фокус на сите политики кои ги креираме“, нагласи министерот. 

Шаќири очекува и наставниот кадар да биде на висина на задачата и беспоштедно споделувајќи го знаењето кое го поседува со студентите ќе направи генерација со која, како што рече, ќе се гордееме сите и која ќе може да се справува со предизвиците на идното време, преземајќи ги полека улогите на возрасните во општеството. 

„Искрено мислам дека имаме навистина квалитетен наставен кадар кој покажал и докажал дека умее да дава голем придонес во градењето на оваа држава“, додаде тој.