29/04/2024
Македонија

Ковачевски: Германија стои зад нас и она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ во преговарачката рамка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во рамки на дводневната официјална посета на Берлин, Сојузна Република Германија даде изјава за медиумите.
 
Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот:

„Вчера бевте присутни на прес-конференцијата на која што заедно со канцеларот Шолц зборувавме за најважните аспекти на билатералната соработка на Германија и Северна Македонија како и на поддршката која што ја имаме од Германија. Вчера беше исклучително јасна пораката на канцеларот, Германија останува еден од најпосветените партнери и држава која што практично дава најголема поддршка на земјите од Западен Балкан за интеграција во ЕУ. Беа одговорени и добар дел од прашањата кои се поставуваа, а тоа се однесува на одлуките кои треба да ги донесеме. Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од преговарачката рамка практично е она до што се придржуваат земјите членки на ЕУ и дека гаранција за тоа се земјите членки на ЕУ, 27 и особено оние кои се најголеми и најмоќни во ЕУ, а тука секако спаѓа Германија.

 
Исто така тој ја изрази поддршката на Германија во делот на одлуката која ја имаме пред нас, а тоа е гласањето на уставните амандмани за вметнување на други делови од народи вклучувајќи ги деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот устав.

Тоа е одлука која што треба да се донесе до завршувањето на скринигот со цел процесот да не застане и да може Северна Македонија непречено да го продолжи отворањето на поглавјата и реформите кои ќе следуваат, за што повторно ќе бидат потребни 2/3 во делот на реформата на правосудството, во делот на реформата на јавната администрација, реформата на медиумите сè се тоа закони кои што донесуваат со 2/3 мнозинство.
 
Затоа велам дека овој тип на гласање и овој тип на реформи не треба да биде предмет на дневно политички дебати и теми на кои се добиваат дневно политички поени од избори на избори, туку треба да бидат предмет на еден општествен консензус бидејќи со нив се обезбедува побрза интеграција на државата и на ЕУ и пред се подобар животен стандард за граѓаните.

Во текот на посетата имав можност да остварам и други средби, една од тие средби е со фондацијата „Фридрих Еберт“ која што долги години од самото осамостојување е присутна во нашата држава. Таму исто така разговараме за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ  и реформите кои се прават, а во дел од нив и самата фондација учествува при финансирање на голем број на проекти во изминатите години, во моментов, и во иднина.
 
Исто така економијата е една од темите кои се многу значајни во делот на соработката со Германија. Вие треба да знаете дека Германија е најголем трговски партнер на Северна Македонија, над 3,5 милијарди евра годишен извоз од Северна Македонија оди во Германија. Потоа 200 германски компании се инвеститори во Северна Македонија којшто вработуваат над 20.000 работници кои имаат натпросечни плати во државата.

Исто така разговаравме за новите инвестиции кои ќе се случат, тука пред се мислам на „Гересхајмер“, германска компанија во делот на медицината која што гради фабрика за опрема за вакцини, КОСТАЛ којшто ќе започне со нова инвестиција во државата. Голем производител на батерии, исто така од Германија.
 
Остварив средба и со генералниот директор на Дојче Телеком и со неговите колеги задолжени за Европа, на кои што разговаравме најмногу за 5Г технологија која што веќе Македонски Телеком ја имплементира во нашата држава.
 
Потоа за технолошките решенија кои што Дојче Телеком како најголем во Европа и трите најголеми во светот ги има и ги прави а се однесуваат на сајбер безбедноста и во овозможувањето на дата услуги на приватни и јавни институции и беа презентирани најновите достигнувања токму во овој дел. Сметам дека тоа ќе биде предмет на поголем состанок којшто ќе се одржи во Скопје, бидејќи процесот на дигитализација е процес којшто секогаш оди напред, меѓутоа заедно со дигитализацијата секогаш рака под рака оди и сајбер безбедноста. Што е поголема дигитализацијата тогаш и сајбер безбедноста доаѓа на позначајно ниво.
 
Исто така имав средба со медиуми од Германија, ќе може да видиме мое интервју во ФАЦ и други билатерални средби кои што се на ниво на Министерство на надворешни работи“.