29/04/2024
Македонија

Ковачевски за МИА: Северна Македонија доволно чекаше, време е за храброст и одлучност

„Северна Македонија има изградено сериозни капацитети во делот на европските интеграции и таа не смее да остане во чекалницата на ЕУ, вели во интервју за МИА, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. 

Во интервјуто премиерот ги сублимира средбите и пораките од разговорите меѓу лидерите од Западен Балкан кои присуствуваа на неформалната средба организирана од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, по повод навршувањето на 20 години од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун.

Ковачевски во интервјуто истакна дека за време на средбата, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен дала јасна порака за поддршка на уставните измени со што се отвора јасен пат за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и нејзиниот економски напредок.

„Првата тема е секако уставните измени кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура во нашата држава и за кои што изразивме и двајцата задоволство што процесот започна успешно и се надевам исто како што и ЕУ се надева дека во нашето собрание ќе има визија и храброст пратениците да донесат една важна одлука која што се однесува на продолжување на европските интеграции на Северна Македонија во ЕУ. Разговаравме и за планот за развој на Западен Балкан. 

Знаете дека се работи за план кој беше промовиран лично од претседателката на Европска Комисија, а потоа и во детали разговарано во Тирана, заедно со комесарот за проширување г.Вархеји. Тој се однесува на зголемување на финансиските средства за финансирање на регионални проекти во земјите од Западен Балкан. Зголемување на економската соработка меѓу земјите и секако забрзување на процесот на интеграција на сите земји во ЕУ и тоа е нешто на што работиме во моментот, но ќе следуваат и состаноци и посета нејзина во нашата држава како и моја посета во Брисел токму на оваа и на претходните теми“, истакна премиерот за МИА.

Претседателот на Владата вели дека најважна работа во моментов, во државата е продолжување на европската интеграција, прво преку изгласување на уставните измени, бидејќи доволно граѓаните чекале.  

„Кај нас во моментот го имаме како тема број 1, а тоа е продолжување на европската интеграција, прво преку изгласување на уставните измени во Собранието, а потоа и отворањето на кластерите, поглавјата, затворање на кластерите и поглавјата, реформирање на нашето општество и зачленување на земјата до 2030 година во ЕУ.
 
И гледате дека кај нас има се уште политичари, како што имаше и во минатото во однос на тоа дека не треба да се носи таква одлука и дека требало да се чека па дури и лидерот на опозицијата ќе изјави дека тој е спремен да чека и 10 и 20 години.

Најдобра потврда како изгледа чекање и седење во чекална е токму овој состанок овде, бидејќи солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години. На солунскиот состанок пред 20 години дел од Западен Балкан беше Хрватска, тој беше самит ЕУ со Западен Балкан, а во Западен Балкан беше и Хрватска. Ние со Хрватска заедно ја започнавме пристапувањето кон ЕУ во 2006 година. Денес Хрватска е членка на ЕУ, членка на Шенген и земја во која што платежно средство е еврото. А ние се уште имаме политичари кои се уште велат дека треба да се чека“, рече Ковачевски.

Претседателот на Владата порача дека неносењето на одлуки, немањето храброст и одлучност нема да ја помрдне земјата ни еден милиметар.

„Така како што веќе Хрватска стана земја членка на ЕУ, доколку не носиме одлуки и доколку имаме политичари кои велат да се чека, тогаш ќе се случи и Хрватска и Црна Гора и Албанија да отидат пред нас. На крај единствено ќе останеме во друштвото на БиХ и Косово. Северна Македонија не смее да остане во друштво на БиХ и Косово. Тоа се држави кои имаат проблеми во дефинирањето на државите се уште и нашите деца не заслужуваат нивната држава да биде во тоа друштво во поглед на европските интеграции. Затоа одлуките ни се потребни сега заради иднината и на сегашните и на идните генерации“, вели Ковачевски во интервју за МИА.