29/04/2024
Македонија

МЗШВ: 58,9 милиони денари дополнителна поддршка исплатена кон 1.925 регистрирани земјоделци

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска ја реализираше исплатата на дополнителната државна помош од 20% за носители на земјоделски стопанства, кои се регистрирани вршители на земјоделска дејност, согласно законот за вршење на земјоделска дејност, или регистрирани како индивидуални земјоделци, согласно законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Исплатени се 58,9 милиони денари дополнителна поддршка кон 1.925 регистрирани земјоделци.

Како корисници на дополнителната помош се јавуваат земјоделски стопанства корисници на директните плаќања и кои имаат пријавени соодветни површини и животни:

од минимум 5 до максимум 50 ха пријавена површина со поледелски култури со задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал
од минимум 1 до максимум 5 ха пријавена површина со градинарски култури
од минимум 1 до максимум 5 ха пријавена површина со овошни насади
од минимум 1 до максимум 10 ха пријавена површина со лозови насади
од минимум 10 до максимум 50 грла говеда
од минимум 101 до максимум 500 грла овци
од минимум 50 до максимум 150 грла кози
од минимум 6 до максимум 50 грла – маторици
од минимум 50 до максимум 100 пчелни семејства
Како министерство заедно со АФПЗРР водиме искрена грижа за секој еден земјоделец, со посебен акцент и поддршка на оние земјоделци чија основна дејност е земјоделството. Токму во таа насока законот за земјоделство и рурален развој, како и програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа категорија на земјоделци дава право на 20% дополнителна финансиска поддршка.

Денес со новиот модел за субвенционирање земјоделците се сведоци на навремена и брза исплата на заслужените субвенции.