26/04/2024
Македонија

Министерството за правда презема мерки за зголемена заштита на граѓаните во нотарските канцеларии

Во правец на реализација на мерките и препораки за заштита и превенција од КОВИД -19 донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија на 19-тата седница од 14.03.2020 година, а соочени со потребите на граѓаните за непречен пристап до нотарските услуги, Министерството за правда испрати известување до Нотарската комора. Станува збор за следното известување со кое се предвидуваат низа мерки:

1. Се суспендира примената на Правилникот за работно време на нотарските канцеларии, (Сл.весник на РМ бр. 226/16 и 165/17). Нотарските канцеларии се должни да го организираат своето работно време согласно потребите на граѓаните и правните лица и кадровските можности во секоја од канцелариите, притоа имајќи ги предвид одлуките на Владата за прогласување на кризна состојба на определени подрачја и одлуките за справување со вирусот КОВИД-19. За своето работно време секоја од канцелариите е должна да истакне видливо соопштение на својата влезна врата од надворешната страна и за истото да ја извести Нотарската комора, која таквиот податок ќе го евидентира на својата веб страна во делот на Именик на нотари, со цел да им биде податокот достапен на сите заинтересирани без притоа да има потреба од непосредно одење пред нотарските канцеларии. Нотарот е должен на соопштението да остави и телефонски број во случај на  итни потреби на граѓаните од нотарска услуга.

2. Нотарот е должен да оневозможи пристап во канцеларијата на повеќе странки истовремено. Доколку во предметот има повеќе учесници, нотарот е должен да обезбеди раздалеченост помеѓу секој од нив од 2 метри и посебно пенкало за потпишување за секој од учесниците, со цел да се превенираат непосредни директни контакти помеѓу учесниците.

3. Нотарот е должен да овозможи средства за дезинфекција на рацете на странките, како и на пенкалата кои се користат во канцеларијата. Нотарските канцеларии се должни да се придржуваат до овие мерки и тековно да ги следат информациите и препораките на Владата во однос на заштита и превенција од КОВИД -19, со оглед на сериозноста на состојбата со пандемијата и општествената одговорноста на секој поединец и институција, вршител на јавни овластувања и слично, во правец на реализација на истите, без притоа да се наруши општественото живеење и потребите на граѓаните и деловната заедница.

Воедно, ја информираме јавноста дека Комората на извршителите постапувајќи по препораките на Владата и Министерството за здравство, минатата донесе низа мерки за безбедни извршителски услуги. Истите се достапни овде.