03/05/2024
Македонија

Мицкоски: Самите судии и обвинители ќе избираат членови на Советот на судии и обвинители, а не владата и претседателот, ќе направиме нов Кривичен законик преку широка јавна расправа

Во законот ќе се интервенира со амандмани и ќе се избрише делот каде што владата предлага, претседателот предлага, ќе оставиме самите обвинители судии да си ги изберат тие кои ќе бидат таму. Ќе им обезбедиме соодветен буџет независен, да знаат дека секоја година ќе имаат процент од буџетот, соодветен на БДП и владата ќе врши надзор на работењето во финансиска смисла, да не дојде до каква било злоупотреба. Никого не познавам во Обвинителство, никого не познавам од судство, иако многумина сега сакаат да се запознаат со мене и обвинители и  судии. Нека си ги изберат самите, истакна претседателот Христијан Мицкоски во интервју за МИА.

Претседателот кажа дека не сака владата да предлага ништо, туку дека тие самите треба да си изберат. Судиите и обвинителите треба да имаат кандидати како што рече од секое апелациско подрачје, да си гласаат, да си ги изберат тие кои мислат дека се најдобри, да бидат и тие во тие тела во советите итн. на обвинители и Судскиот совет и нека функционираат.

Ние како влада ќе им дадеме буџет. Ќе бараме само да се почитуваат законите. Но почувствувам ли дека ќе имаат политички влијанија на некои други, почувствувам ли дека ќе имаат бизнис влијанија, жестоки казни ќе предвидиме. Не само промена. Со закон, со затвор. Со затвор ќе бидат казнети, сериозни казни. Затоа што им овозможуваме самите да функционираат, им обезбедуваме како идна влада независно финансирање и работење. Единствено нешто што бараме е да обвинуваат согласно закон и Уставот и да судат според закон и Уставот, нагласува претседателот.

Тој потенцира дека идната влада ќе направи и нов Кривичен законик, кој ќе биде плод на широка јавна дебата во која ќе бидат вклучени експерти и сето тоа ќе биде според европските пракси.