28/04/2024
Македонија

Нашата полиција – домаќин на Регионалната конференција на директори на полиции

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски, во улога на домаќини, имаа обраќања на Регионалната конференција на директори на полициски служби на тема: „Борба против организиран криминал: предизвици и поддршка“, заеднички организирана од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи на Италијанската Република и Проектот Борба против сериозен криминал во Западен Балкан ИПА 2019. На Конференцијата учествуваат директори и високи претставници на полициите од земјите на Западен Балкан, Елинската Република, Република Бугарија и Италијанската Република, а обраќања како гости на отворањето на конференцијата имаа и извршниот директор на Европол, Кетрин Де Бол, извршниот директор на Интерпол за полициски служби Стивен Каванаг и заменик генералниот директор за јавна безбедност на Италијанската Република Виторио Рици.

Министерот Спасовски го поздрави силниот одзив на учесници на Конференцијата и упати благодарност за официјалната посетата на Директорот на Агенцијата на Европската Унија за спроведување на законот (Европол), на чија што иницијатива, всушност, и се организираше оваа конференција, како и за присуството на Извршниот директор на полициски служби на Интерпол.

„Дозволете ми да започнам со потсетување на една изјава на претходната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност – дека земјите од Западен Балкан за ЕУ се претвораат во партнери за прашања на безбедноста, за разлика од претходно кога беа разгледувани како жариште на нестабилност. Оваа констатација беше точна и во времето кога беше дадена, а останува точна и сега, кога Република Северна Македонија е рамноправна членка на НАТО и останува и натаму максимално посветена на европската интеграција и покрај долгото отсуство на датум за старт на преговори за членство во ЕУ. Неспорно е дека Европската Унија е нашата референтна точка. Интегрирањето на Република Северна Македонија, но и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, не се само гаранција за стабилност и просперитет во регионот, туку многу повеќе“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните на конференцијата, додавајќи дека, без разлика на сите предизвици, Република Северна Македонија за многу кратко време, постигна значителен напредок, благодарение на сите општествени чинители.

Посочувајќи дека прогресот и стратешката определба на земјата за членство во Европската Унија е, без компромиси, приоритет број еден, тој се осврна на активностите кои водат кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организиран криминал, корупцијата, безбедносните реформи, како и на правосудството и јавната администрација.

„Полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот, ако бидеме дел од ЕУ, а нашата позиција во однос на тоа прашање е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни. А криминалот, особено организираниот криминал не е непознаница за западните држави“, порача Спасовски, додавајќи дека: „Балканот со својата геостратешка положба е постојано привлечен за криминалците, па затоа навистина е важна секоја иницијатива за регионално поврзување во борбата против организираниот криминал и брзата размена на информации меѓу државите“.

Директорот на БЈБ м-р Тасевски, истакнувајќи дека силниот одзив на оваа конференција јасно и гласно говори за посветеноста, вербата и решителноста во регионалната соработка и најважно од сé – меѓусебната доверба, во воведното обраќање, меѓу другото, рече дека сузбивањето на најголемото зло – тероризмот и транснационалниот криминал, кои претставуваат глобален предизвик во целиот свет побарува сериозен пристап, меѓуинституционална соработка и соработка помеѓу полициите не само од земјите од регионот, туку и пошироко.

„Од тие причини, меѓународната полициска соработка која е веќе воспоставена и која успешно се применува, би требало да продолжи и во иднина, заради остварување на заедничката цел – ефикасна борба во сузбивање на организираните криминални групи и тероризмот. Но нашиот успех во борбата против организираниот криминал и нашата видливост во таа борба зависи од воспоставувањето на цврсти регионални механизми за соработка и интегрирани регионални институции. Пред сѐ, потребен е интегриран и систематски пристап кој ќе овозможи воспоставување на посебен и единствен безбедносен простор со соодветни правни инструменти во насока на заштита на човековите права и слободи, но и јасна и недвосмислена борба против криминалците“, предочи м-р Тасевски, додавајќи дека Бирото за јавна безбедност при МВР, во рамки на своите надлежности, остварува полициска соработка со службите за спроведување на законот во регионот на Западен Балкан и пошироко, преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка.

„Се надевам дека оваа конференција ќе биде почеток на заемно дејствување и ќе покажеме уште еднаш дека регионот на Западен Балкан е дел од решението, а не и од проблемот“, рече меѓу другото директорот Тасевски.

Инаку целите на оваа Регионалната конференција на Директори на полиции, која трае до 7 мај, се во насока на подобрување на неопходната координација, поддршка и меѓународна помош во справување со сите предизвици на денешницата, а за првпат во поновата историја учесниците на Конференцијата ќе присуствуваат и на прославата на Денот на полиција на Република Северна Македонија.