08/05/2024
Македонија

Нова кампања на ИНТЕРПОЛ за дигиталните изнуди и како да се заштитиме

Биди внимателен или #YouMayBeNext – #МожеТиСиСледниот

Во модерниот и сѐ повеќе дигитализиран свет, сајбер криминалот претставува сериозна закакана и за поединецот и за општеството во целост. Со напад врз ранливостите на вашите уреди, телефони, таблети, лаптопи, компјутери, сајбер криминалците можат да добијат пристап до ваши доверливи материјали кои можат да ги искористат за да ве уценуваат или да се обидат да изнудат пари од вас.

Најновата кампања на ИНТЕРПОЛ за зголемување на свесноста, сака да нѐ потсети дека сајбер нападите можат да му се случат секому и во секое време. Времетраењето на кампањата #YouMayBeNext се фокусира на облиците на компјутерски криминал кои вклучуваат изнуди како:

Изнуда со експлицитни фотографии (Sextortion): Кога криминалците ќе ги принудат или ќе ги измамат своите жртви во споделување на експлицитни и интимни слики или видео материјали, кои на крај ги користат за да ги уценуваат.

Уценувачки софтвер (Ransomware): Вид на malware или малициозен софтвер, кој обично ви ги енкриптира датотеките и податоците или краде сензитивни информации од вашиот систем. Криминалците потоа бараат пари за дешифрирање на податоците кои се заклучени или се закануваат дека ќе ги споделат доколку не им платите.

DDoS (Distributed Denial-of-Service) напад: Обид да се наруши нормалниот сообраќај на конкретен сервер, услуга или мрежа со преплавување на конректната цел или нејзината инфраструктура со огромен интернет сообраќај кон неа. Сајбер криминалците се обидуваат со такви DDoS напади да изнудат плаќање од лицата или организациите кон кои е насочен нападот, со цел услугата која ја нудат повторно да функционира.

Реализацијата на оваа двонеделна кампања е планирана преку социјалните мрежи во текот на јуни. Преку неа ќе бидат презентирани најчестите начини и обиди кои ги користат сајбер криминалците, како и совети како да се препознаат тие, со цел граѓаните, организациите и деловните субјекти да се здобијат со одредени знаења за да можат да ги заштитат своите системи, мрежи или уреди.

Во кампањата ќе учестуваат повеќе од 60 земји, партнери од приватниот сектор, невладини и меѓународни организации. Сите тие ќе го поддржат ИНТЕРПОЛ во неговите напори, споделувајќи информации за најновите трендови во сајбер криминалот, како и начините и алатките како може јавноста да се заштити од нив.