29/04/2024
Македонија

Нов јавен повик за доставување понуди за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари за долгогодишни насади

Владата на денешната седница донесе одлука за објавување на Јавен повик за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари во девет региони. Со овој јавен повик им се овозможува на земјоделците што имаат земјиште со долгодишни насади, а за кoe немаат склучено договор за закуп, да достават понуди до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со податоците за земјиштето. 

На овој начин, со склучување на договорите со МЗШВ, се решава правниот статус на земјиштето со што земјоделците ќе имаат право да конкурираат за мерките од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.  

Јавниот повик е наменет за Кавадарци, Росоман, Неготино, Ресен, Струга, Струмица, Тетово, Валандово и Гевгелија.

Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост е за:

– одгледување на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) за период до 30 години,
– одгледување на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
– одгледување на маслинарници за период до 50 години

Јавниот повик ќе биде објавен до крајот на неделата.